Јанева со закани кон обвинителите: Ако пропаднам јас, ќе пропаднете и вие. Ако треба ќе измислам и работи за вас

Изминатите неколку дена атмосферата во СЈО е тензична, кога специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во понеделник, откако се врати од одмор, ги собрала присутните обвинители и им се заканила дека доколку таа пропадне, ќе ги повлече и нив заедно со неа.

Според извори од СЈО, наводно рекла и дека ќе измисли работи за нив, само за да ги оцрни.

Оваа закана доаѓа во момент кога дел од обвинителите се повикани да сведочат во Обвинителството за организиран криминал и корупција за истрагата „Рекет“, поради што се толкува како обид да ги замолчи.

Тензијата дополнително се зголемила денес кога Јанева наредила секој кој влегува и излегува од СЈО да се претресува, за што и јавно посведочи и обвинителката Фатиме Фетаи. Таа бурно реагирала кога денеска на влез во СЈО полицајците и побарале да ја проверат. На нејзината реакција дека таа не е осомничена од СЈО за да биде проверувана, полицајците рекле дека наредбата ја добиле од Јанева.

Фатиме Фетаи за медиумите потврди дека полицајците и побарале да и и ја проверат чантата кога се враќала од пауза, што досега важело само за лица кои не се вработени во СЈО, на што сочно опцула.

Во текот на утрешниот ден пред обвинителката Вилам Русковска треба да сведочи обвинителот Бурим Рустеми, а свој исказ веќе дадоа обвинителката Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, како и шефицата на кабинет на Јанева.

Јанева пак во вторник ќе треба да се соочи со Русковска, по што ќе биде познато дали и таа ќе биде сведок или пак можеби ќе биде осомничена.

Извори од СЈО тврдат дека утринава, кога обвинителот Бурим Рустеми заминал на судењето за ТНТ, Јанева проверувала и кои документи тој ги зел со себе. Рустеми требаше да даде исказ во обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет“, но поради рочиштето за „ТНТ“, тоа е одложено за утре.

Јанева по враќањето од одмор свикала колегиум на обвинителите. На овој состанок, Јанева им се заканила на присутните дека „ако не ме браните, ќе пропаднете сите со мене“. Еден обвинител кој присуствувал на состанокот за Нова ТВ рекол дека Јанева цели три часа колку што траел состанокот,  се обидувала да ги убеди дека во случајот „Рекет“ таа е злоупотребена и поради тоа колегите треба да ја поддржат.

Но состанокот завршил со расправија кога еден од обвинителите искоментирал дека Јанева ја изневерила довербата на граѓаните со постапките кои ги направила и дека треба да жали поради тоа. По ова шефицата на СЈО на висок тон се заканила дека сите ќе добијат откази.

-Ако пропаднам јас, ќе пропаднете и вие. Ако треба ќе измислам и работи за вас, рекла Јанева, тврди обвинител.

Обвинителството ги одзеде мобилните телефони на Јанева, но едниот од телефоните беше форматиран и на него немаше никакви сочувани податоци.

Засега единствените осомничени за случајот „Рекет“ Бојан Јовановски и Зоран Милески остануваат во притвор, откако вчера Кривичниот совет при Основниот кривичен суд им ја продолжи мерката за уште 30 дена.

Бојан Јовановски и Зоран Милески, Обвинителството ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за  „перење пари и други приноси од казниво дело“.