Јаневски: Дали дивите депонии низ Скопје чекаат на предизборно расчистување?

Дали градоначалниците на скопските општини чекаат да започне кампањата за локалните избори следната година, за да започнат да ги расчистуваат бројните диви депонии низ главниот град и да остварат барем дел од предизборните ветувања дадени во 2017-та, праша во понеделникот Младен Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се наоѓаме во Општина Аеродром на патот меѓу Долно Лисиче и Јурумлери. Ова што го гледате зад мене е дива депонија крај течението на реката Вардар, која е доказ за негрижата на локалните власти за животната средина“, рече Јаневски пред камерите.

Посочи дека, за жал, тоа е честа слика на целата територија на Градот Скопје и дека вакви диви депонии има и на локациите Вардариште, во близина на строгиот центар на градот, во Ново Село во општината Ѓорче Петров, во Трнодол во Карпош, во Железара и во Дендропаркот во Трубарево, во општина Гази Баба

„Сакаме да ги потсетиме градоначалниците дека во своите предизборни кампањи во 2017 година ветуваа чист воздух од првиот ден на доаѓање на власт, чиста животна средина и повеќе зелени површини. Ова што го гледаме денес е сосема спротивно на нивните ветувања. Оттука сакам да ги прашам, дали чекаат да започне предизборна кампања за да сработат нешто или нивните празни ветувања беа само со една цел, да седнат во фотелјите на општините и градот Скопје без да се грижат за проблемите на граѓаните?, посочи Јаневски.