Јаневски: Една „мала“ замка која го прави фалшливо обвинението против Митовски од Инфомакс!

Да ја оставиме настрана политичката пресметка меѓу заинтересираните актери во „Рекет“ која се одвива и преку медиумите, да ја оставиме настрана и во последно време зачудувачки екстремната, понизна и смешна љубов на „небањатите“ кон северните шарени и „бањатите“, додека дел од овие вториве им велат на првите „цркнете“, а помал дел од нив, сегашните им ортаци, исто така им порачуваат „цркнете“, ама, ајде, од што мораме ќе ве поддржиме, и да го разгледаме правниот дел на Обвинителниот предлог на ОЈО кон уредникот на Инфомакс, Александар Митовски.

ОЈО го гони заради објавување на првата страница од Записникот од исказот на Камчев кај Рускоска на 2 мај оваа година (имаше и нешто плус како прераскажување), исказ даден отприлика два месеци откако е снимена онаа сцена која ја објави Словенецот Гајсер во Ла Верита со фамозната Луј Витон чанта и милион евра во неа. Во соопштението, ОЈО вели дека го гони Митовски за „оддавање службена тајна“ за што минималната казна е три месеци затвор (со сите алтернативи на таа минимална казна), а максималната казна е пет години.

ОЈО тврди дека според став 4 од член 360 на КЗ, како службена тајна се сметаат „податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени за службена тајна и чие откривање има или може да има штетни последици за службата“.

Кон ова го надоврзува член 289 од Законот за кривична постапка според кој „сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител се сметаат за тајна“.

Значи, Обвинителниот предлог, ОЈО го темели на фактот дека со закон (ЗКП) е предвидено дека сите дејствија во предистражната постапка на ЈО се сметаат за тајна. Консеквентно, заклучокот е дека во случајов се оддадени „дејствија на ЈО“.

ЗКП на ниту еден друг начин не ја штити предистражната постапка, ниту ги определува како тајни другите елементи од неа (има претходно некои одредби во делот за „записник“, но тие не се битни за овој случај).

А еве, што се вели во последниот коментар на ЗКП на дузина кривичари, во врска со член 289 од ЗКП:

„Сите активности и дејствија кои ги преземаат надлежните органи во текот на предистражната постапка се прават кога има сознанија кои врз основа на криминалистичкото знаење и искуство може да се оценат како доказ за сторено кривично дело (основи на сомневање), а воедно треба да се почитува и начелото на пресумпција на невиност. Имајќи предвид дека се работи за фаза од постапката во која сè уште се прибираат информации и докази, нивното изнесување може да ја осуети постапката и затоа постои и наведената законска обврска дека сите дејствија во предистражната постапка што ги преземаат јавниот обвинител и полицијата се сметаат за тајна.“

Значи, и овде се потенцираат „дејствијата на ЈО и полицијата“. Со тоа што тие дејствија се преземаат кога ќе се добијат сознанија за евентуално кривично дело. Еден од начините на кој се дознава, е преку кривична пријава. Дејствијата кои се тајни, значи, се преземаат по нејзиното поднесување.

ОЈО, натаму тврди дека исто така е обврзано да ги штити правата на „осомничените, оштетените“ и на „сите други учесници во постапката“ и оттука следи и Обвинтелниот прелдог во конретниот случај.

Накратко, тоа е суштината. И, гледано вака, нема ништо спорно во Обвинителниот предлог. Но, има една мала замка која случајот го прави малку смешен. „Малку“ под услов да не си во кожата на обвинетиот. Тогаш, веројатно е „многу“.

За што станува збор? Имено, тој фамозен записник кој е објавен, а поради што го гонат Митовски е всушност кривична пријава која во ОЈО е поднесена усно. Пријавата може да биде поднесена писмено, директно во ОЈО или во МВР, или пратена по пошта. Може да биде поднесена телефонски, усно на лице место во ЈО или преку електронски пат. Во последниве случаи за пријавата се составува записник (нормално, кога е усно дадена, таа мора да се нотира, а тоа се прави на записник, бидејќи се уште не се стигнало до таму едно ЈО да работи по сеќавање на тоа што кажал подносителот на усната пријава). Така што, нема ништо фамозно во тоа дека во случајов е оддаден некој ултра таен записник, бидејќи станува збор за сосема обична кривична пријава какви што дневно низ цела држава се поднесуваат стотина и чија содржина, секој кој има малку интерес, може да ја дознае. Има многу случи кога оштетените поднесуваат кривична пријава писмено, а истата ја доставуваат и до медиумите. Или, ако сакате, МВР секој ден поднесува десетици кривични пријави и за нив ја известува јавноста. Еве една од нив, случајно одбрана, чија содржина е објавена во медиумите, кои пак и направиле „копи пејст“ од полицискиот Билтен:

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против О.Т.(32) од селото Мало Коњари, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.

Таа, на 11.09.2019 со запаллива течност предизвикала опожарување на влезната врата и делови од покуќнината, сопственост на А.Ф, информираат од МВР.“

Како што гледате, МВР е тоа кое ја објавило пријавата. Во неа и не мора да има повеќе детали од овие кои се соопштени, освен поцелосен опис на настанот. Иако во неа (за јавноста) оштетениот и осомничениот се напишани со иницијали, не е никаква тајна не само за луѓето од Мало Коњари, туку и пошироко, за кого станува збор (веројатно нема многу лица од женски пол со иницијали О.Т. на возраст од 32 год. кои ја полиле со бензин влезната врата на А.Ф. и ја запалиле), знаат дали има сведоци и ако има кои се, всушност не е тајна целата приказна односно содржина на пријавата со сите поединости. И сега? Впрочем, инволвираните во настанот веројатно после тоа низ цело село ја имаат раскажано содржината. Отидете во Коњари и ќе ја дознаете и вие.

Впрочем, ајде да претпоставиме една реална ситуација за овој случај: првиот сосед ја дознава целата приказна со сите детали кои ги содржи кривичната пријава. Ја раскажува на соседот до него. Овој оди во кафената и ја раскажува на други. Тие на трети, четврти итн. За кратко, сите ја знаат содржината на пријавата и имате најмалу 10-20 лица кои раскажувале. Сите тие го повредиле член 360 од КЗ?

Згора на тоа, да се вратиме малку погоре на соопштението на ОЈО кое Обвинителниот предлог го врзува за членот од ЗКП кој вели дека „дејствијата на ЈО се тајна“ и цитираниот дел од Коментарот на ЗКП. Во случајот со било која кривична пријава, нема дејствие на јавен обвинител. Во што е дејствието на ЈО кога ќе добие писмена пријава? Во архивирањето? Во оформувањето предмет? Во што е неговото процесно дејствие кога пријавата е поднесена усно? Во тоа што тој само присуствува на давањето изјава од страна на подносителот и го предупредува дека давањето лажен исказ е кривично дело? Таква е процедурата. Но дејствие кое би било тајно во смисла на цитираниот член 360 од ЗК во врска со 289 од ЗКП – едноставно нема.

Впрочем, да претпоставиме дека Камчев, пред да влезе во ОЈО и да ја поднесе пријавата, одржал прес конференција на самиот плочник пред зградата и ја раскажал содржината со сите сензитивни детали за инволвирани судии и други вклучени лица. Медиумите веднаш објавиле, тие кои можат. Дали тоа е казниво според чл 360 од КЗ? Не. Потоа влегол во ЈО, ја поднел истата содржина како кривична пријава на записник. Дали од тој момент содржината станала тајна? Се разбира не. Инаку, оние медиуми кои ја објавиле содржината веднаш по прес конференцијата, не би сториле кривично дело, а би бил гонет медиумот кој ја објавил содржината подоцна, откако бил составен записник. Уште повеќе ако веќе во следниот момент обвинителот презел некое процесно дејствие. Е тогаш, навистина е оддадена службена тајна? Не оди така, нели? Зошто? Зашто во тој случај би се штитело како тајност некое парче хартија, а не содржината. А иако сме за потсмев, барем дотаму уште не сме стигнале.

Или да претпоставиме дека Камчев ќе објавеше дека бил рекетириран од вонземјани кои прво му пратиле емисари, оние мали зелени, во Шутка и му барале по некој процент од десетиците фирми кои ги има. А потоа влегол и истото и го издиктирал на Рускоска. Дали објавувањето на таа содржина (бизнисмен пријавува дека е рекетиран од вонземјани) е оддавање службена тајна?

Всушност, станува збор за тоа дека ЗКП како тајна ги предвидел дејствијата преземени во предистражната постапка, а поднесувањето кривична пријава како што видовме, дури и од МВР, со сите детали, не е тоа. Постапката започнува отпосле. Ако започне. Уште помалку како процесно дејствие може да се смета поднесување кривична пријава од граѓанин. Во тоа поднесување, дури и кога е сторено усно, едноставно нема процесно дејствие на обвинител. И тука отприлика завршува приказната за тоа дали во случајот има оддавање на службена тајна или нема. Може да има клевета, евентуално иако и тоа е тенко, може да има лажно пријавување кривично дело од подносителот, но оддавање службена тајна – не!

Така што, имаме еден Обвинителен предлог чија цел не е да ја исполни обврската и да ги гони сторителите на кривични дела, па со тоа во овој случај да ја исполни и целта на чл. 360 од КЗ, туку да се превенира идното објавување на слични податоци (па дури и од самиот исказ на Камчев, бидејќи беше објавена само првата страница), а и да се одмазди во име на сите оние лица кои биле споменати во исказот. Тие не беа опфатени со истрагата, која деновиве беше затворена со тројца осомничени – Бојан Јовановски, Милевски – Кичеец и Катица Јанева. Но, тие кои беа споменати, немаат работа со оној кој ги објавил нивните имиња, зар не!

Тоа, се разбира е посебен проблем. Да се апсолвираме од „Рекет“ за час и од тоа кој во што верува во овој случај и да се поставиме во ситуација дека некој отишол во ОЈО и ве пријавил дека сте сториле кривично дело. Сторил некој друг, ве вмешале и вас, ама вие немате врска. И потоа му е дадена пријавата во која сте споменати на некој медиум. Како да се заштитите?

Се разбира дека има начини за тоа. И за оној што лажно ве пријавил и за медиумот. Но, ниту еден од тие начини не е оддавање гонење за оддавање службена тајна.

Зашто тука, еве за крај уште еднаш, станува збор за дилема која всушност не постои: дали кривичната пријава е дел од предистражната постапка? Не е. Таа е повод за поведување, но не е дел, бидејќи може да содржи и „вознемјани“. Но еве и да сметате дека е, не заборавајте дека ЗКП ги предвидел како тајна „дејствијата“ на ЈО во предистражната постапка, а тука секако не спаѓа фактот што еден обвинител ја ставил поднесената пријава во папка во која потоа биле сместени и другите документи од случајот. Друго процесно дејствие тука нема.

Обидот пак, да се најде некоја „квака“ во фактот што содржината од пријавата или дел од содржината беше објавен два или три месеци по отворањето на истрагата, е само јалов обид и ништо повеќе. Тоа, не менува ништо во погоре кажаното.

Дарко Јаневски за Денешен

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.