Туристичкиот сектор е комплетно замрен, не само кај нас, туку во цела Европа. Ако лани 51 отсто од вкупниот број туристи во светот ја постиле Европа, а Франција беше прва земја по посета на туристи, тогаш можеме да претпоставиме каков е моменталниот ефект. Тој е нула. Не постои. Ограничувањето на движењето, патувањата меѓу земјите од шенген-зоната, затворањето и изолацијата придонесе туризмот да биде нула, вели во разговор за МИА директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ).
Јаневски најавува дека покрај веќе донесените мерки за поддршка на туристичкиот сектор кој беше прв на удар од коронавирусот, се подготвуваат и дополнителни мерки за ублажување на состојбата. Координативното тело е во постојана онлајн комуникација, не само интерно, туку и со надлежните во Владата.
Спасот на секторот, Јаневски годинава го гледа во домашните гости.
Тој, како што истакнува, покрај официјалните мерки кои се разгледуваат, размислува пред соработниците да изнесе и свои, сопствени предлози за надминување на ситуацијата. Некои од нив се: на хотелиерите неповратно да им се врати туристичката такса што ја платиле лани, на туро-ператорите и туристичките агенции да им се врати процент од девизниот прилив што го оствариле преку реализирани аранжмани, а на превозниците, покрај даночните олеснувања, да им се олесни и регистрацијата на возилата, како и да им се субвенционира дел од потрошеното гориво врз основа на претходно утврдена методологија.
-За жал, корона кризата ги покажа своите заби иако во јануари мислевме дека е далеку од нас. Прв на удар беше туристичкиот сектор. Реагиравме брзо. На крајот од февруари формиравме Координативно тело во кое учествуваат сите комори, здруженија, министерствата за транспорт и за економија и Пазарната инспекција. Активно работиме до денес на предложување мерки за надминување на негативниот ефект врз рестораните, хотелиерите и транспортерите. Првите мерки од Владата беа токму за туристичкиот сектор. Се донесоа клучни уредби со кои се одредија износите за аутгоинг компаниите со ваучер систем, се дефинира помош за плата од 14.500 денари, се воведоа даночни олеснувања. Но, Координативното тело не застана тука. Подготвува доплнителни мерки за ублажување на состојбата, истакнува директорот.
Според него, со оглед на изолацијата и социјалната дистанца, 2020 година ќе ја одбележат домашните туристи.
-Тоа го поткрепувам со фактот дека лани 40 отсто од туристите во земјава биле домашни и оствариле повеќе од 50 отсто од вкупниот број ноќевања или 1,6 милиони. Притоа, нивниот просечен престој бил четири дена, дециден е Јаневски.
Токму сега, вели, и во годините кои доаѓаат, имаме шанса да ги развиеме руралниот и еко – туризмот, да создадеме одржливост на земјава како туристичка дестинација. Стратегијата на Агенцијата е максимално ангажирање на домашните капацитети.
-Сите да се потрудиме да се однесуваме кон државата како мајка, да ја посетиме во 2020 година, да оствариме ноќевања и да им помогнеме на туристичкиот сектор и на Буџетот со пријавување туристички такси и со се што е потребно. Стратегијата на Агенцијата е максимално ангажирање на домашните капацитети, атракции и дестинации на чии убавини, трудејќи се да отидеме надвор, можеби сме заборавиле. Тоа би значело да му помогнеме на туристичкиот сектор, да им помогнеме на хотелиерите, рестораните и превозниците. Со нашите семејства да летуваме дома. Дома си дома, порачува директорот на АППТ.
Во однос на своите видувања за поддршка на туризмот, смета дека ќе придонесат за многу полесен старт и прилагодување кон новите стандарди на кои секторот допрва ќе треба да се прилагоди. Патувањата, посочува, годинава ќе бидат пократки, на познати дестинации и со мали групи туристи.
-Поаѓам од следниот факт – колку сме дале, толку треба да ни се врати. Еден од предлозите за помош на хотелиерите е државата да им ја врати туристичката такса што ја платиле лани. Сите категоризирани сместувачки капацитети кои во 2019 година ја плаќале туристичката такса, да ја добијат назад како неповратна помош. Фондот за туризам да им помага на тур-операторите и туристичките агенции кои носеле гости во државта и девизен прилив, да добијат извесен процент од тој прилив назад. На тој начин ќе добие секој според тоа колку даноци платил. Дополнително, на превозниците, покрај даночните олеснувања, да им се олесни и регистрацијата на возилата и да се субвенционира дел од потрошеното гориво врз основа на претходно утврдена методологија, објаснува директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, додавајќи дека овие мерки ќе ги соопшти пред членовите на Координативното тело.