Ангел Димитров: Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна прават се што е можно да не се случи тоа

Новата средба на заедничката бугарско-македонска комисија за историски прашања, ја очекувам со загриженост, но и покрај тоа имам надеж дека ќе направиме еден благ чекор напред, вели Ангел Димитров дел од заедничката комисија за историски прашања, во интервју за Бугарската национална телевизија.

„Отсекогаш сакавме да работиме поинтензивно со стегнат ритам, но тоа не се случи. За следната година се планирани само пет состаноци, што не е доволно“, вели Димитров, кој е и поранешен бугарски амбасадор во земјава.

Според Димитров, како што вели, постојат разлики меѓу политичарите и историчарите.

„Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават се што е можно да не се случи тоа“, оценува Димитров.

Покрај тоа, тој смета дека ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.

„Се е до политичката волја, но во преден план доаѓа не само улогата на политичарите, туку и на историчарите. Не е во ред историчарите во Македонија да чекаат нова ситуација за да направат критичка анализа. Историчарот е должен да ја каже вистината и да го подготви општеството за вистината“, посочува Димитров.

Исто така вели и дека позицијата на Бугарија за прашањето на Република Северна Македонија е „единствена и монолитна“.

„Тоа е ставот, како на Владата, така и на Народното собрание и на сите партии застапени во него, а исто и на претседателот“, заклучува Димитров во изјавата за БНТ.