Ангела Мирчевска победник на онлајн квизот за ЕУ

Ангела Мирчевска од Филозофскиот факултет во Скопје, со точно одговорени 29 од вкупно 30 прашања победи на онлајн квизот за Европската Унија што се одржа на 9 мај по повод Денот на Европа на Фејсбук страницата на Европското движење, соопшти Европското движење во Република Северна Македонија.

Второто место го освои Михаил Дивјакоски од Економскиот факултет во Прилеп, со точно одговорени 28 прашања, а третото Никола Чамовски од Факултетот за безбедност во Скопје со точно одговорени 25 прашања.

– На онлајн квизот за ЕУ учествуваа 11 студенти од повеќето универзитети во државата и сите покажаа одлично познавање за Европската Унија, за државите – членки, како и за процесот на пристапување на нашата држава кон Унијата, со над 70 отсто точни одговори. За победниците се обезбедени парични награди од страна на Европското движење, кое има за цел да ги промовира европски вредности, се вели во соопштението Европското движење во Република Северна Македонија.

Со студентскиот квиз, велат од Европското движење се заокружени активностите за одбележување на 9 Мај, Денот на Европа, што оваа година се одвиваше преку Фејсбук со заедничка кампања на европските движења од сите европски држави под мотото „Заедно за Европа“, за разлика од претходните години кога акцент се ставаше на масовни активности.

Инаку, во рамки на прославата на Денот на Европа, македонското Европско движење претходно организира и онлајн дебата за размена на искуствата на студентите преку Еразмус плус програмата, онлајн натпревар за избор на најдобра фотографија, видео-конференција на тема „Општествата во време на кризи: причини и последици“ со учество на еминентни експерти за евроинтеграцискиот процес, како и конкурс за најдобар есеј на тема „Заедно за иднината на Европската Унија“.