Ангелов: За какви било закони за бранителите, мора да добиеме одобрување и од ДУИ

57

„Да не се заборави, за да не ни се повтори“, пред точно 20 години на 22 јануари 2001 година некаде околу 2 часот по полноќ со рачен ракетен фрлач и рафали од автоматско оружје беше нападната полициската станица во Теарце, тетовско. Полицаецот Момир Стојановски загина а други тројца полицајци беа ранети. Денеска, делегација на „Достоинство“ пред некогашниот објект на полициската станица положи букет свежо цвеќе и притоа изјава даде еден од ранетите полицајци, Лика Јахи кој се потсети што точно се случи на овој ден пред 20 години зборуваше за ужасите на моментот во кој што неговиот колега бил убиен а останатите тројца, меѓу кои е и тој, биле ранети, изјави претседателот на политичката партија „Достоинство“ Стојанче Ангелов во денешното обраќање.

-Во Северна Македонија воедно се одбележуваат и 20 години од почетокот на вооружените дејствија во 2001 година, но и една година од влез во најмоќниот воено политички сојуз НАТО. Сојуз кој меѓу другото е гаранција дека тоа што ни се случи во 2001 година нема да се повтори, изјави Ангелов.

Тој додаде дека целта на оваа прес-конференцијата и потсетување на овие настани е да не се шири меѓуетничка омраза, туку истата целосно да биде искоренета. По 20 години, кога раните се делумно залечени, Ангелов вели дека е време науката да даде одговор дали во 2001 година имавме војна, воен конфликт, вооружен судир или меѓуетнички судир. Се поставува прашањето дали дел од Албанците беа обесправени што мораа да се кренат со оружје, кој за што се бореше, кој победи.

– Македонските бранители кои ја бранеа татковината во 2001 година поминаа низ низа премрежја и од тогаш до денес се соочуваат со низа проблеми. Од страна на оваа Влада предводена од Зоран Заев и СДСМ се направени низа подобрувања, но поради неможност за системско носење на закон се работи на единечно решавање на правата и проблемите со кои што се сочуваат бранителите кои ќе побараат помош од Владата, посочи Стојанче Ангелов

-Зошто не може да се донесе нов закон за бранители е прашање кое постојано се повторува, вели Ангелов. Една од причините се поминатите 20 години од поминатиот конфликт, како и недоволна информираност на лицата родени по 2001 година. Од друга страна нашиот воен непријател од 2001 година, денес е дел од власта, односно без малку е константа од 20 години и за какви било закони за бранителите, мора да добиеме одобрување и од нивна страна, додава Ангелов.

Претседателот на партијата „Достоинство“ најави дека во тек е реализација на правата и проблемите на поголем дел од бранителите и на членовите на семејствата на загинатите. Според постоечкиот закон за бранители, што е донесен во 2002 година, бранителите уживаат само две права, да се запишат на факултет, право искористено од мала бројка на бранители  и право на предност при вработување во државните администрации, што исто така го искористиле многу мал број на бранители.

Ангелов истакна дека се залага за изнаоѓање решение за сите бранители кои биле дел од конфликтите и до денес не се обесштетени. Тој посочи дека како политичка партија,  „Достоинство“ се застапници на поголемиот дел бранители и редовно оддаваат почит на сите оние кои се бореле за државата. Тој рече дека ќе покренат неколку иницијативи за одликување на воените и полициски единици што дале голем прдонес во одбрана на татковината и во едно ќе покренатнеколку иницијативи за бранители кои направиле херојски дела во 2001 година.

– Ние од државата очекуваме само едно благодарам и верувам дека сме на добар пат тоа да биде реализирано – изјави Ангелов и додаде дека како партија сакаат да реализираат неколку пишани и видео раскази, како и документарни филмови од воената 2001 година.

На прашањето како ќе се изведе евиденцијата за бранителите, Ангелов вели дека за жал постојат лица кои иако биле во првите борбени редови немаат уверение поради низа објективни или субјективни моменти, а од друга страна државата се уште има списоци и информации кои бранители  каде се наоѓале  во 2001 година.

– Нас ни е потребен централен регистер во кој ќе бидат опфатени сите овие лица и нормално тоа ќе ни помогне да направиме неколку дополнителни истражувања на пострауматското растројство врз сите бранители кои имале такви доживувања – рече Ангелов.

Тој додаде дека на овој план работат подолго време, а во овие три години имаат помогнато на стотици бранители, но не ги користат за јавна промоција бидејќи е неблагодарно човек кој учествувал во воени дејствија да биде истакнат јавно кога имал мака. Ангелов најави дека на бранителите ќе им биде пружена секоја побарана помош.

Во моментов се води постапка за избор на нов национален координатор на ветерани и сите бранители ќе можат директно да се обратат на него, а тој со политичка помош од Владата ќе успее да реши поголем дел од проблемите за кои што постои законска подлога.

Со нападот врз полициската станица во Теарце во јануари 2001 година беше означен и неформалниот почеток на вооружените дејствија во државата. И покрај потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август 2001 година нападите продолжиле врз целите на македонската полиција. Воениот конфликт траел до ноември истата година, а животот го загубиле 72 лица од македонските безбедносни сили.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.