Ангеловска-Бежовска: Очекуваме да се олеснат финансиските услови за граѓаните и за стопанството

Очекуваме да дојде до олеснување на финансиските услови и за граѓаните и за корпоративниот сектор. Токму тоа и беше целта на измените на регулативата за работењето на банките, коишто ги донесовме, истакна гувернерката Анита Ангеловска – Бежовска во вчерашното издание на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Таа посочи дека се направени детални анализи пред да се дојде до решение со кое истовремено ќе се помогне на населението и на компаниите и ќе се одржи финансиската стабилност. Нагласи дека Народната банка ги следи и ги анализира понудите за промена на договорните услови за кредитите што се објавуваат деновиве.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на кредитниот раст, кој во првите два месеци од годинава е солиден и изнесува околу 7 проценти, при што продолжува трендот на поголема фокусираност кон домаќинствата со стапка на раст од околу 11 проценти. Депозитниот раст исто така расте и во просек изнесува околу 8 проценти.

– Оттука, движењата досега се солидни, меѓутоа, предизвикот е пред нас. Сите се соочуваме со голем шок којшто е од неекономска природа, но може да има големи ефекти врз економијата. Имајќи го предвид тоа, реално е да се очекува забавување на кредитната, а следствено и на депозитната активност во претстојниот период од оваа година, вели гувернерката.

Народната банка, како што беше соопштено, веќе активно работи на новиот циклус макроекономски проекции. Ангеловска-Бежоска најави дека ќе се направи позначајна ревизија на очекувањата за економските состојби имајќи ги предвид последните расположливи податоци, но и условите и неизвесноста што ги наметнува глобалната корона-криза. Како што посочи, според меѓународните финансиски институции, веќе се очекува позначајно забавување и на економската активност во глобални рамки, вклучително и во Европската Унија, а со тоа и во германската економија каде што е сконцентриран голем дел од нашиот извоз.

Гувернерката посочи дека најновите податоци за надворешниот долг упатуваат на констатација дека сме во зоната на умерено задолжени земји. – Само еден од стандардните меѓународни показатели упатува на надминување на умереното ниво на задолженост, додека сите други показатели покажуваат дека надворешниот долг е во безбедната зона на ниско до умерено ниво на задолженост. Вкупниот надворешен долг, заклучно со крајот на 2019 година изнесува 72,2 проценти од БДП, што е пониско ниво во споредба со просекот од последните две-три години кога тој гравитираше околу 74 проценти од БДП, нагласи Ангеловска-Бежовска.

– Сите би сакале амбиентот да е поинаков за да се занимаваме со структурни прашања и реформи, да работиме на унапредување на доходот на населението… Но, за жал, корона-кризата наметнува низа предизвици. Нема бегање од реалноста и како централна банка сме подготвени соодветно да одговориме на предизвиците, порача гувернерката на Народната банка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.