Ангеловска демантира: Не знаев за пропаѓањето на „Еуростандард“, парите ги повлеков за да купам стан

Министерката за финансии Нина Ангеловска во неделата преку соопштение за јавноста ги демантира, како што наведува, пласираните невистини во врска со нејзиното наводно повлекување пари д банката „Еуростандард“, откако добила информација за случајот со одземање на дозволата за работа и отворањето на стечајна постапка.

„Би сакала уште еднаш да ѝ ги соопштам на јавноста фактите и воедно да ги демантирам сите неточни информации кои тенденциозно се пласираат. Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во ‘Еуростандард банка’“, вели министерката.

Тврди дека „целосно е неточна информацијата“ дека средствата навреме ги префрлила во други банки или ги повлекла.

„Вистината е дека пред да станам министер за финансии овие мои лични средства, заработени пред да стапам на функцијата, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија“, објаснува Ангеловска.

Наведува и дека во периодот кога го купила новиот стан, исто така во јавноста биле пласирани неточни информации дека наводно не го пријавила станот во Антикорупциската комисија.

„Истиот беше уредно пријавен, согласно законските прописи и рокови, што беше потврдено и од страна на Антикорупциската комисија“, вели министерката која тврди дека нејзиното министерство нема надлежности над основањето и работењето на банките, ниту дава, ниту одзема дозвола за работење на банка.

Нагласува дека единствено Народната банка, како независно регулаторно и супервизорско тело, има надлежност во доменот на работењето на банките што значи надзор, супервизија, изрекување мерки, издавање и одземање дозволи за банките.

„Пласирањето на неточни и тенденциозни информации во јавноста, го оценувам како обид за дефокусирање на јавноста, преку мое дискредитирање и нарушување на мојот углед. Цврсто сум убедена дека и овојпат јавноста ќе ги препознае фактите, пред лажните вести што се пласираат со цел да се креира погрешна перцепција“, нагласува Ангеловска во соопштение