Ангеловска: Еврообврзницата ќе биде издадена кога ќе се создават најповолни услови

Еврообврзницата ќе биде издадена кога ќе бидат создадени најповолни услови. Процесот е започнат и постапката тече, изјави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција во Владата.

– Се работи за сензитивна информација во однос на точниот тајминг. Го следиме пазарот и кога ќе бидат создадени најповолни услови, планираме да излеземе со издавање на еврообврзницата, рече Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање.

Посочи дека наместо најавениот Bridge to bond заем или заем за премостување, одлучено е дека посоодветно и подобро решение во моментот за земјава е да оди со еврообврзница.

– Ова е сценарио кое земајќи ги предвид сите ризици и сите фактори, одлучивме дека е посоодветно и подобро за нашата земја во овој период, нагласи Ангеловска.

Потсети дека во меѓувреме обезбедени се 176 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд и оти во фаза на преговарање се 160 милиони евра од ЕУ од Инстирументот за макрофинансиска помош. Дополнително, на располагање на земјава и се ставени и 50-те милиони евра од Светска банка за поддршка за реализација на мерката за исплата на плати од 14.500 денари, како и дополнителни 90 милиони евра од Светска банка од Инструментот за спсравување со итните потреби на државите со КОВИД кризата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.