Ангеловски: Дворските игри на Заев и Ахмети нема да го запрат бранот на промените кој ја зафати Македонија

Бранот на промените ја зафати Македонија и нема да може да биде сопрен. Сведоци сме во овие неколку дена дека тоа нема да оди лесно и дека узурпаторите нема лесно да го пуштат тоа што го узурпирале, изјави претседателот на МААК, Страшо Ангеловски за „Што не е јасно“ на Алфа Телевизија.

Ангеловски истакна дека за овие промени треба да се даде заслуга и на политичкото тело од албанскиот блок кое реши да се спротивстави на ДУИ и Али Ахмети и да ги прати во историјата.

„Јас сум задоволен што и во албанскиот кампус почнаа таа идеолошка поделба на левица и десница која овозможи да дојде до сето ова, односно дека еден дел од албанското политичко тело се издвои од матрицата на Ахмети, Груби и ДУИ и со тоа создаде македонската опозиција да има коалициски капацитет и можност да се формира нова влада“, рече Ангеловски.

Според него, тоа ќе биде придобивка откако ДУИ ќе замине во историја и ќе започне процесот на распаѓање на таа партија која ќе нема моќ каква што имаше и нема да може да се заканува, како тоа што го гледаме.

Ангеловски посочи дека на седницата за недоверба е можно е да има обид да се украде волјата на гласачите и на тие 61 пратеник кои бараат промена на власта или да се одолговлекува целиот процес, но тој обид според него ќе биде неуспешен.

„Не стравувам од тоа да купат денови, на крај на краиштата нема ништо да постигнат. Сепак, граѓаните треба да бидат смирени, промената е неизбежна и покрај дворските игри на Заев и Ахмети“, нагласи Ангеловски.