Ангеловски и Ристовски: Одиме на победа против Ерменија, сакаме да сме први и во Лигата Ц

Фудбалската репрезентација на Македонија утре (15 часот) го отвора новиот циклус во Лигата на нации, а прв ривал е стариот познаник, селекцијата на Ерменија, со која заедно се искачивме скалило погоре, во група Ц. Нашиот национален тим е подготвен за новиот предизвик по необично долгата пауза предизвикана од пандемијата на коронавирусот во светски рамки, вели селекторот Игор Ангеловски.

„Се наоѓаме во специфичен период, но фокусирани сме само на тоа што го имаме на располагање и во каква форма и утре ќе истрчаат на терен оние кои се најподготвени и кои ќе ни ја донесат посакуваната победа.  Ерменија дојде со комплетно нов состав и со нов селектор. Но ги анализиравме и ние мислиме само на победа. За нас и во оваа Лига Ц остануваат амбициите за прво место во групата, без разлика на тоа што во октомври не очекува важен натпревар со Косово од полуфиналето на баражот за пласман на ЕП. Но, ние одиме од натпревар на натпревар, сега мислиме на Ерменија и Грузија, на кои мечеви сакаме победа. А потоа продолжуваме понатаму“, изјави селекторот Игор Ангеловски.

Стефан Ристовски вели дека репрезентативците нема да бараат алиби поради ситуацијата и ќе атакуваат на победа против Ерменија.

„Минавме низ тежок период поради корона кризата, но нема алиби и одиме максимално на утрешниот дуел да дојдеме до победа. Ќе ни недостасува публиката. Ние со игрите претходните години успеавме да ја вратиме на трибините, сега ќе ни недостасува но ние мора да ги прифатиме тие услови и ќе одиме на победа“, истакнува Стефан Ристовски.

Напаѓачот Иван Тричковски отпадна од комбинација за утрешниот меч поради повреда која ја влече по дербито со АПОЕЛ во кипарското првенство.