Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски за утрешниот дуел со Полска најави агресивна игра од страна на своите избраници во обидот да се освојат бодови.
„Атмосферата во националниот тим е одлична. Задоволство е да се работи во таква средина. Можам де ве уверам дека моите фудбалери ќе го дадат и последниот атом од своите сили, ќе се борат за секоја педа од теренот за да стигнеме до позитивен резултат. Оние кои ме познаваат, занаат дека никогаш не отстапувам од агресивна и офанзивна игра. Така ќе биде и утре, без разлика што против себе ќе имам многу силен противник“, рече Ангеловски на денешната прес-конференција.
Селекторот кажа дека здравствениот билтен е добар и дека сите играчи во репрезентацијата му се на располагање.
„Среќен сум дека повредите не одминаа, а тие што беа повредени закрепнаа и се подготвени да ‘гинат’ за Македонија. Знам дека сите кои ќе добијат шанса да играат ќе го остават срцето на терен и се надевам дека тоа ќе биде доволно за добар резултат“, рече Ангеловски.
Натпреварот С. Македонија – Полска се игра утревечер од 20,45 часот на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Средбата е во рамките на третото коло Г-група во квалификациите за Евро 2020.