Анѓушев: Референдумот мора да успее, Македонија нема друга опција за просперитет

Граѓаните да го поддржат референдумот, тој мора да успее зошто Македонија нема друга опција за просперитет и светла иднина, порача вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев во саботата вечерта од прославата за поканата за членство во НАТО од Велес.

„Ние 25 години гледаме што се случува бидејќи толку години тапкаме во место и сметам дека е време да тргнеме напред. Услов да се тргне напред е ова решение кое го нуди Македонија во соработка со сите меѓународни пријатели. Да не беше подршката од меѓународната заедница и да не беше храброста на државата немаше да дојде до ова.Јас им се заблагодарувам на сите граѓани коишто ова го поддржуваат. Воедно се заблагодарувам и на меѓународната заедница, затоа што помогна во овој период ние како држава и граѓани тоа да го препознаеме. Тоа е историска шанса која треба да ја искористиме. Мислам дека други вакви шанси нема да имаме“, рече меѓу другото Анѓушев.

На новинарско прашање за одливот на младите, рече дека мобилноста е нешто што никој не може да го спречи, посебно сега во XXI век, но изрази надеж дека младите луѓе ќе го осознаат тоа дека и во Македонија може да се направи добар живот.