Анѓушев: Владата ќе ги испочитува договорите со сите инвеститори

Договорите на сите инвеститори кои веќе инвестирале во бесцаринските и индустриските зони и користат државни субвенции ќе бидат испочитувани од страна на Владата во потполност, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по средбата со странските инвеститори кои користат државни субвенции.

Нагласи дека договорите содржат обврски за двете страни и доколку инвеститорите ги исполниле своите обврски од договорот, тој ќе биде испочитуван во целост, а во спротивно ќе се искористат сите средства кои се на располагање за заштита на државниот имот.

Најави дека од септември ќе биде подготвен нов вид договор во кој покрај досегашните бенефиции на странските инвеститори за инфраструктура и за покривање на дел од трошоците, ќе има клаузула во која субвенциите ќе зависат од висината на нето-платата што им ја нудат инвеститорите на вработените.

– Нема да правиме разлика дали компаниите се со македонска или со странска сопственост. За нас секое градење на фабрика ќе биде исто и ќе биде на ист начин поддржано без разлика дали ќе биде во бесцаринските зони или надвор од нив. Со тоа цениме дека ќе помогнеме да градиме појака македонска економија, потенцира Анѓушев.

Појасни дека сите инвеститори досега имале два договора. Едниот бил за инфраструктура, односно  за добивање на земјиште и градење на хала. Вториот договор бил за доделување на директната финасиска државна помош. Во него има стандарден сет на помош и мерки, а тоа се ослободување 10 години од плаќање на данок на добивка и од плаќање на  персонален данок на приход за  вработените, во бесцаринските зони биле ослободени од плаќање царина и ДДВ при увоз и од издавање на банкарска гаранција према Царинската управа.

– Овој сет на мерки бил присутен во сите договори и со него нема проблем, но она што како Влада го гледаме како проблематичено е што за секој странски инвеститор имало дополнителна финасиска помош при што дискреционо било правото на преговарачите  да одлучат каква помош ќе им биде дадена, појасни Анѓушев.

Најави дека првиот договор ќе остане сличен, стандардниот пакет на мерки и понатаму ќе биде даван, но за дополнителната финансиска помош ќе бидат направени јасни и транспарентни критериуми.

– Дополнителната финасиска помош нема да биде дискреционо право на било кој преговарач да дава или не дава нешто. Секој странски инвеститор врз база на моделот кој ќе биде развиен ќе може да се најде себе си  и однапред  да знае каква финасиска помош ќе добие, а тоа ќе и даде можност на Владата да моделира странски инвестиори кои ќе и помогнат на македонската економија, рече Анѓушев.

Нагласи дека земјава нема корист од странски инвеститори кои работат, како што рече, како затворени острови каде се влегува од странство, нешто се произведува и се излегува кон странство без никаква интеракција со македонската економија.

– Со измените кои ги планираме ќе направиме точна детерминација на странските инвеститори кои може да имаат влијание на подобрување на македонската економија. Преку мерките што ќе ги објавиме во септември ќе биде стимулирана соработка со македонската економија. Доколку странскиот инвестиор дава поголема нето плата ќе добива поголема помош. Со тоа ќе ги стимулираме сите инвеститори да ја зголемуваат нето платата. Посебни субвенции ќе има за високообразовниот кадар под услов инвеститориот да им даде пристојна плата. Субвенции ќе следат и за инвеститорите кои ќе пренесат дел од развојните центри во Република Македонија или направат развоен центар во земјава, како и за фирмите кои ќе соработуваат со македонското стопанство и ќе купуваат македонски производи, прецизира Анѓушев.

Собвенциите, нагласи, ќе бидат во рамките на дозволеното со Законот за државна помош, односно не повеќе од 50 проценти од вкупната инвестиција.

Посочи дека досега некои од фирмите добивале 10, а други 49,9 отсто државна помош, а тоа било дискреционо право на преговарачот колку на која фирма ќе даде.

– Со измените никој странски инвеститор ќе нема потреба да дојде да преговара во четири очи, туку ќе може да се  пронајде во условите што се нудат и предвреме да му биде јасно дали ќе добие помош и колкава ќе биде. Со новите критериуми некои од компаниите што досега добивале помош би можеле да добијат и поголема од онаа што ја добиле, а некои, пак, кои не соработуваат со македонската економија и не додаваат квалитет за граѓаните ќе останат на основниот пакет. Сето тоа се однесува за новите инвестиори, а постојните целосно ќе го добијат она што го потпишале, потенцира Анѓушев.

Генералниот директор на Ван Хол во Македонија и претседавач на Асоцијацијата на автомобилската индустрија во Македонија, Аврам Стојчевски, ја поздрави инцијативата на Владата да ги запознае странските инвеститори со измените што се предвидуваат и да се расчистат шпекулациите.

– Имаше многу шпекулации, а денеска се расчистија многу работи. Мислам дека сега странските инвеститори и домашните компании кои работат со странски инвеститори ќе можат со поголема динамика да продолжат да работат. Асоцијацијата ќе му даде потполна поддршка на вицепремиерот Анѓушев и ќе му предочи кои законски регулативи треба да се променат, рече Стојчевски.

Одговарајќи на новинарско прашање вицепремиерот Анѓушев истакна дека ќе се укинат економските промотори и наместо нив ќе има економска дипломатија во амбасадите, односно ќе има економски аташеа кои ќе бидат задолжени за привлекување странски инвестиции како и досега, но и за афирмација и промоција на македонските производи и нивно продавање во странство.