13.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Јани Макрадули си купил BMW од 40.000 евра додека вработените протестираа за плати

Доскорешниот директор на Ад пошта, Јани Макрадули, во својот анкетен лист дополнил дека од лани, односно од 2021, како личен имот поседува автомобил BMW X1 во вредност од 2.381.225 денари, или безмалку 40.000 евра, преку договор за купопродажба.

Макрадули пред два месеца беше разрешен од функцијата прв човек на Македонска пошта, веднаш по приведувањето на владиниот генерален секретар Мухамед Зекири, за склучување на договор без јавна постапка за физибилити студија за приватизација на ова акционерско друштво во државна сопственост.

Во имотниот лист Макрадули има и кредит од 861.528 денари (14.000 евра) подигнат во 2021.

Владата на 19 април го отповика Јани Макрадули од должноста претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ и на оваа позиција го назначи Васко Стефанов, кој беше заменик-директор на АВРСМ.

Тоа се случи набрзо, откако на средината на април годинава имаше генерален штрајк на вработените во Пошта, кои бараа линеарно покачување на платите за 3.000 денари и подобри услови за работа. Штрајкот траеше еден ден, откако раководството и синдикатите се договорија за линеарно зголемување на платите од 1 јуни, како и подготовка на нов колективен договор.

И лани во октомври стотици вработени излегоа на предупредувачки протест пред објектите на Пошта, кои реагираа на лошите услови за работа и на доцнењето на септемвриската плата.