Анкара потврди дека ја започна офанзивата врз сириските Курди

Турција во петокот ги интензивирала гранатирањата врз позициите на курдската милиција на северот од Сирија, а официјална Анкара соопшти дека станува збор за почетокот на офанзивата со којашто планира да ги потисне од оваа област на нејзината граница.

Претходно Единиците за заштита на народот (YPG) на сириските Курди објавија дека во текот на ноќта кон петокот врз нивните позиции во областа на градот Африн од турската страна на границата биле истрелани 70 гранати.

„Гранатирањето е всушност почеток на операцијата“, изјави за медиумите турскиот министер за одбрана Нуретин Џаникли, додавајќи дека турските војници засега не ја минале границата со Сирија. Тој претходно во петокот ги нарече „празни и бесмислени“ предупредувањата од САД да не презема дејствија против сириските Курди.

Сирија ја предупреди Анкара да не влегува во нејзината територија, заканувајќи се дека ќе ги собори турските авиони.

Турција, којашто вели дека своите дејствија ги координира со Русија и САД, со месеци се заканува дека ќе ги отфрли силите на YPG од регионот на Африн кој Курдите го контролираат од 2012 година, сметајќи ги за терористи блиски на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) којашто со децении се борат против турските сили на југоистокот од земјата. Од YPG, кои се вооружени и обучувани од САД, тврдат дека не се во директно во врска со PKK која е терористичка организација и за САД и за ЕУ, а Вашингтон ги поддржува во таквото тврдење наведувајќи дека им помага на овие курдски сили во борбата со Исламската држава во Сирија.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повторни предупреди дека нема да дозволи „терористички коридор“ кој би ги поврзувал курдските области по должината на сириско-турската граница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.