Анкара воведе исклучоци за трансакциите во турски лири

Турција објави исклучоци од правилото за забрана за финансиски трансакции во странска валута, што турската влада ја воведе минатиот месец и со која се превидува сите продажби на имот и исплати на кредити и наемнини да се вршат исклучиво во турски лири.

Согласно новата одлука објавена во турскиот службен весник, забраната за трансакции во странски валути нема да се однесува на договори за извоз, за купо-продажба на пазарот на капитал, како и за договори за вработување на странци.

Забраната, исто така, не важи и за продажба на софтвери производени во странство, за договори за изнајмување бродови, како и за спогодби што ги склучуваат државните инситутции, а кои не се однесуваат на имоти или ангажирање на работници.

Предвидено е сите веќе склучени договори во странска валута да се трансформираат во турски лири согласно официјалниот курс на централната банка на Турција од 2 јануари годинава, зголемен согласно нивото на инфлацијата на цените на мало.

Мерката за забрана на трансакции во странски валути беше воведена со цел да се запре падот на вредноста на турска лира, која од почетокот на годината загуби околу 30 проценти од својата вредност во однос на американскиот долар.

На почеток на годинава еден американски долар чинеше 3,8 турски лири, додека сега една американска валута се менува за 6.15 турски лири.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.