Aнкета: Лошото работење на Владата, пандемијата и корупцијата се главните виновници за лошата економска состојба

Пeрцепцијата на граѓаните за економската состојба во земјата и за работата на Владата во однос на решавање на овие проблеми е негативна. Поголем дел од испитаниците (околу 60%) од истражувањето на МКД.мк кое го спроведе агенцијата Маркет вижн ја оценуваат работата на Владата и на премиерот како неуспешна, а само 20% од нив сметаат дека Владата и премиерот се успешни во справувањето со економските проблеми. Од 1 до 5, Владата доби оценка 2,37, а премиерот 2,25.

Истражувањето е спроведено од 18 до 23 јуни на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници.

Само 19,8% од испитаниците сметаат дека Македонија се движи во позитивна насока. Младите до 40 години, за разлика од повозрасните во поголем процент сметаат дека земјата се придвижува во позитивна насока. Во најголем дел, негативната состојба во земјата се должи на лошото работење на Владата, одговор кој го дале речиси 40% од испитаниците. Како други главни причини за негативната состојба во земјата се наведуваат и влијанието на пандемијата (25,6% од одговорите), како и корупцијата и нефункционалноста на правниот систем, одговор кој го дале 17,8 отсто од испитаниците.

Најважни проблеми со кои се соочува земјата според најголем дел од испитаниците се неповолната економска ситуација и невработеноста (44,9% од одговорите) и корупцијата и нефункционалниот правен систем (30,4% од одговорите).

Многу мал дел или приближно 14% ја оценуваат економската состојба како добра. Најголем дел од испитаниците или приближно 72% ја оценуваат економската состојба како лоша.

Она што е интересно е и различната перцепција на испитаниците вработени во приватниот и во јавниот сектор. Вработените во приватниот сектор ја оценуваат економската состојба во земјата како многу понеповолна, за разлика од оние вработени во јавниот сектор.

Само 11,8% од испитаниците сметаат дека економската состојба во земјата се подобрува, додека околу половина сметаат дека се влошува.

Речиси една половина или 46,1% од испитаниците сметаат дека условите за водење или инвестирање во бизнис се влошуваат.

Околу 10% од испитаниците се изјасниле дека живеат во сиромаштија и недостиг од основни добра, додека приближно 40% се изјасниле дека многу внимателно располагаат со парите за да можат да врзат крај со крај.

Анкетирањето беше спроведено во периодот од 18 јуни до 23 јуни со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: +-3%; интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол и возраст во однос на проценките за населението од Државниот завод за статистика од 2019 година.