Анкета на Народна банка: Само 40 отсто од банките и штедилниците вовеле „зелено кредитирање“

Речиси 90 отсто од сите банки и штедилници кај нас сметаат дека климатските промени се важен извор на ризик за финансиската стабилност. Тоа го покажува најновата Анкета за ризиците од климатските промени, што Народната банка ја спроведе на почетокот на 2022 година.
Според неа, иако најголемиот дел од испитаниците ја препознаваат важноста на климатските ризици за финансискиот систем, сепак е мал бројот на банките и штедилниците кои ги имаат земено предвид климатските промени во своите развојни планови.

Исто така, само 40 отсто од банките и штедилниците имаат воведено нови производи и услуги како реакција на климатските промени. Сепак, 80 отсто од испитаниците одговориле дека размислуваат да воведат вакви производи. Зелените кредити одобрени во приватниот сектор во 2021 година забележале раст за 2,7 отстп во споредба со претходната година.

„Главно, станува збор за кредитни линии од ЕБОР за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија за проекти од енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, како и заштита при работа и кредити за енергетска ефикасност преку програмата ГЕФФ на ЕБОР наменети за домаќинствата“, соопштија од НБРМ.
Сепак, охрабрува фактот што поголем број од банките и штедилниците планираат и размислуваат за воведување нови или за промена на тековните производи и услуги како реакција на климатските промени. Главно се посочува на производи од типот на кредити за финансирање енергетски ефикасни проекти и зелени кредити наменети за домаќинствата и корпоративниот сектор, како и зелено проектно финансирање. Голем број од испитаниците посочуваат дека планираат воведување на новите производи во 2022 година.
Улогата на регулаторите е особено важна за пристапот на институциите кон зајакнување на управувањето со ризиците од климатските промени. Активностите коишто ги преземаат централните банки за ублажување на несаканите економски последици од климатските промени, вклучително и на ефектите врз финансиските системи добиваат сѐ поголемо значење. Народната банка банкисе приклучи кон овој тренд кон крајот на 2020 година, преку измена на Стратегискиот план. Со измената на овој документ, за првпат, како стратегиски приоритет се поставија и активностите поврзани со климатските промени, со цел да се даде придонес кон создавањето зелена и одржлива економија.