Анкета: Партија на правдата и развојот победник на локалните избори во Турција

Во Турција денеска се одржуваат последните митинзи пред утрешните локални избори, на кои според анкетите сигурен победник е Партијата на правдата и развојот (АКП) на премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Најголемата турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) денеска ќе одржи митинг во Истанбул. Тоа ќе биде 56-иот митинг на партијата, која ја почна кампањата на 28 февруари во Чанакале.

Ердоган вчера ги откажа предизборните митинзи во Централна Турција поради проблеми со гласот. Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот  одржаа митинзи во 56 окрузи, а кампањата ја почнаа во градот Сивас на 22 февруари.

Резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Конда“, позната по своите точни прогнози, покажуваат дека владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) ќе победи на локалните избори со 46 отсто од гласовите.

Според резултатите од анкетата спроведена на 22 и 23 март, АКП на премиерот има поддршката на 46 отсто од гласачите, а на второ место ќе биде Републиканската народна партија со 27 проценти.

Партијата на националистичката акција ќе освои 15 проценти, курдската Партија за мир и демократија  седум отсто, а другите партии ќе ги подделат останатите пет проценти од гласачкото тело.

Податоците се обезбедени со непосредни интервјуа на 3.670 учесници од 33 турски окрузи.