Анкета: Сириза и натаму со водство пред Нова демократија

Грчката левичарска партија СИРИЗА, која се смета за фаворит на претстојните вонредни парламентарни избори во земјата, што ќе се одржат на 25 јануари, во трите најнови анкети и натаму води пред десноцентристичката Нова демократија со разлика од 3,2 до 3,5 отсто од гласовите, соопштуваат денеска грчките весници „Етнос“ и „Пондики“, пренесе МИА

Анкетите покаждека 17,5 отсто од избирачите во Грција се уште не одлучиле за кого ќе гласаат.

Авторите на две од нив, подготвени од агенциите GPO и ALCO, се на ставот дека трета политичка сила на овие избори ќе биде партијата „Реката“, која се очекува да освои меѓу 4,5 и 5,8 отсто од гласовите.

Агенцијата „Pulse RC“, пак, третото место и го одреди на ПАСОК-Демократска формација, пред партијата „Реката“, крајнодесничарската „Златна зора“, комунистичката партија и коалицијата „Независни Грци“.

За новата партија на Папандреу „Движење на демократи-социјалисти“ се проценува дека засега е под парламентарниот праг, но блиску до трите процента за влез во највисокиот законодавен дом на земјата.

Според две од анкетите, СИРИЗА се очекува да освои 28,5 или 29 отсто, а третата на агенцијата ALCO, цитирана од весникот „Пондики, и дава највисок процент, дури 33,8 отсто. 

Следи Нова демократија, за која би гласале 25,3 и 25,5 отсто во две од анкетите, а во третата таа би освоила 30,5 отсто.

Анкетираните, меѓутоа, и натаму сметаат дека Андонис Самарас е поприфатлив за премиер од Алексис Ципрас.