Претставките се во тек, во меѓувреме ние упативме допис до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за почитање на законскиот рок за донесување мислење по поднесеното барање и деновиве веќе Комисијата го донесе мислењето, додека постапката во однос на погодностите во затворите е во тек во секторот на казнено-поправни установи што се води во Народниот правобранител“, вели Бајрамовска-Мустафа во интервју за Радио Слободна Европа
Советничката на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа во интервју за Радио Слободна Европа вели дека полномошникот на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска до нивната канцеларија се обратил со две претставки за кршење на човековите права во затворот „Идризово“.
„Да, имаме претставка преку нејзиниот полномошник. Има две претставки до институцијата Народен правобранител во делот на неможноста за користење погодности и во делот на непостапување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по нивното барање за дискриминација кон подносителката на претставката. Претставите се во тек, во меѓувреме ние упативме допис до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за почитање на законскиот рок за донесување мислење по поднесеното барање и деновиве веќе Комисијата го донесе мислењето, додека постапката во однос на погодностите во затворите е во тек во секторот на казнено-поправни установи што се води во Народниот правобранител“, вели Бајрамовска-Мустафа.
Според мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Јанкулоска, како и останатите затворенички, не може да ги користи законските погодности што ги имаат затворениците мажи, како посети надвор од установа, одмор и работно ангажирање.
Нејзиниот сопруг и адвокат Влатко Илиевски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека осудените лица се третираат како граѓани од трет ред, дека ги множат со нула и никој не се грижи за нивните законски загарантирани права.
„Со оглед на тоа што станува збор за женскиот дел од осудените лица, каде што во изминативе години немало толку многу звучни имања кои би можеле евентуално да го артикулираат соодветно овој проблем, да го изнесат пред надлежните институции и слично, биле оставени така, сами на себе. Дефинитивно, тука не си ја завршиле работата ниту Народниот правобранител ниту Хелсиншки ниту други организации што имаат амбиции да ги заштитуваат човековите права, вклучително и правата на осудените лица. Не било евидентирано тоа како проблем и било оставено на дневна основа да си тече како што е“, рече тој.
Јанкулоска ја издржува четиригодишната затворска казна од септември 2020 година откако беше правосилно осудена во сучајот „Тенк“ за набавката на блиндиран „мерцедес“ кој и денес го користи Владата на СДСМ која своевремено ја критикуваше набавката на возилото. Во истиот случај е осуден и поранешниот премиерт Никола Груевски, кој е во егзил во Унгарија, кој своевремено ја оправдуваше набавката со потребата од зголемено ниво на безбедност на високи странски функционери кои ја посетуваат Македонија.