Јанкулоска тврди ВМРО-ДПМНЕ не е организатор на протестите на 27 април

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Кривичниот суд во Скопје сведочеше за настаните од 27 април. Таа рече дека ВМРО-ДПМНЕ не била организатор на протестите и дека во тој период имала само партиска функција, но не и државна.

– Партијата никогаш не излезе со формален став за ова движење. Исто така одлука на Извршниот комитет, во кој бев член, за поддршка на протестите не беше донесена – рече Јанкулоска.

Во сведочењето Јанколоска додаде и дека Спиро Ристовски никогаш не бил член на ниту едно партиско тело и дека Миле Јанакиески немал никаква комуникација со општински комитети поврзани со протестите.

Потоа, објасни дека на 27 април цел ден била во партијата и не се случувало ништо посебно и околу 17 часот си отишла дома и видела на телевизија што се случува во Собранието.

На претходното рочиште на судењето беше презентиран вештиот наод и мислење од вешачењето на телефонот на сведокот Александар Василевски Нинџа, според кое Василевски на 27 април до 22 часот не бил присутен во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа според одбраната покажува дека овој сведок претходно лажно сведочел пред судот кога тврдел дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во 18 часот и слушнал како се издаваат наредби и насоки за упадот во Собранието.

Адвокатот Еленко Миланов уште на почетокот на судскиот процес во кој им се суди на Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, сите обвинети за организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, рече дека одбраната ќе докаже дека Александар Василевски Нинџа дал лажна изјава на рочиштето во јуни кога тврдеше дека во штабот на ВМРО-ДПМНЕ се координирала целата акција на упадот во парламентот на 27 април 2017 година.

– Ќе докажеме дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, во ниту еден момент не биле во ниту една базна станица со лицето Александар Василевски Нинџа, кој изјавил дека видел и слушнал како Спиро и Миле организират некого во штабот – рече Миланов.

Василевски тогаш тврдеше дека на 27 април околу 17.30 му се јавил Спиро Ристовски кој го прашал каква е состојбата на терен и го повикал да дојде во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.