Јанша за Би-би-си: Словенија целосно го контролира коронавирусот

Во разговор за британскиот јавен сервис Би-би-си, словенечкиот премиер Јанез Јанша кажа дека Словенија има „целосна контрола“ врз коронавирусот и потребните епидемиолошки стандарди за престој на гости уште по 1 јуни.

„Воведовме таканаречено корона стандарди по препорака на заводот за јавно здравје кои ќе се применуваат за сите кои ќе дојдат во нашите хотели и другите туристички капацитети. Ќе направиме сѐ за одморот во Словенија да им биде целосно безбеден“, кажа словенечкиот премиер.

Тој додаде дека во Словенија во последните две недели на дневна база бележи само еден или нула случаи на новозаболени од ковид-19, што значи дека Словенија целосно ја контролира ситуацијата па епидемијата официјално ќе престане на 1 јуни, кога туристичката дејност ќе биде целосно отворена.

Со речиси 300 илјади ноќевања годишно туристите од Британија во Словенија беа на петтото место меѓу странските гости, а Јанша за Би-би-си кажа дека се повторно добредојдени во Словенија каде ќе можат да се чувствуваат безбедно.

Тој додаде дека во Словенија 90 отсто од туристичките капацитети по отворањето на сезоната ќе функционираат, но во „новата нормалност“ и со корона-стандардите, но нема да бидат дозволени некои претходни дејности кои се поризични за ширење на вирусот, како работата на ноќните клубови и дискотеките.

Јанша неведе дека Словенија до средината на следниот месец ќе постигне договори со Австрија и Унгарија за „отворање“ на границите за туристички посети, потсетувахќи дека тоа веќе го постигнала со Хрватска која е „исто така речиси ослободена од вирусот“.

Што се однесува до Италија, едно од првите жаришта на коронавирусот во Европа, Јанша кажа дека тука постојат „неколку проблеми“, со сугестија дека режимот на преминување би можел да се либерализира со соседната италијанска покраина Фриули Венеција, каде имаше многу помалку заболени и сега ситуацијата е далеку подобра од другите покраини на северот на Италија.