„Антена“: Нимиц смета дека клуч за стабилноста во регионот е решение за уставното име

Клуч за стабилноста на Балканот е спогодба околу уставното име на Скопје. Вака грчката телевизија Антена ја толкува пораката од интервјуто на медијаторот Метју Нимиц дадено за  дописникот на телевизијата од Њујорк.

– Балканот е во особено чувствителен период. Мандатот што го имам за прашањето со името, е клуч за решавање на овој проблем, кој што луѓето не го заборавија, но го ставија на страна…Прашањето за името мора да се реши и ќе се реши ако лидерите на двете земји со поддршка од луѓето работат во насока на нешто што ќе биде чувствително и што ќе го зачува дигнитетот на двете земји и нивната историска смисла, вели Нимиц за Антена.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, случајно или намерно, Нимиц викендов беше невообичаено многу застапен во грчките медиуми. Со идентични пораки медијаторот излезе и во неделното издание на грчкиот весник Реал, изјавувајќи дека од новата влада во Македонија очекувал да почне сериозни разговори за решение за името.