Антикорупциска ќе ја проверува имотната состојба на градоначалници, на судии и функционери

39

Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната 45-та седница го усвои годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси за претстојната 2021 година, кој ќе се реализира во три квартали и ќе бидат опфатени градоначалници, судии и функционери.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, појасни дека ќе бидат изработени објективни критериуми, во кои ќе бидат опфатени сите судии, градоначалници и функционери за кои граѓаните имаат поднесено претставка, по што ќе се направи селекција и ќе бидат објавени.

– Во првиот квартал, во пресрет на локалните избори ќе бидат опфатени 15 градоначалници и градоначалникот на Град Скопје. Не можеме сите да ги опфатиме, па ќе направиме некоја селекција во зависност од средствата со кои располагале – изјави Ивановска.

Во вториот квартал, посочи Ивановска, ќе бидат опфатени судии, меѓу кои и двајца претседатели кои не беа опфатени минатата година, а во третот квартал владини функционери, што е наша обврска од ГРЕКО.

На денешната седница ДКСК ја разгледа и усвои годишната програма за работа за претстојната 2021 година. Катица Николовска, образложувајќи ја програмата, рече дека за реализирање на планираното неопходно е Собранието што побрзо да ја усвои Националната стратегија за борба против корупцијата.

– Во програмата се наведени активностите на сите одделенија и сектори во комисијата. Тековно постапување по пријави, како и зголемување на соработката со невладините и сите институции. Потоа, имплементација на Законот за заштита на укажувачи и јакнење на капацитетите на ДКСК – рече Николовска.

Програмата е јавно достапна и ќе биде објавена на веб страницата на ДКСК.

ДКСК, на денешната седница ја разгледа и усвои Стратегијата за управување со ризици 2021-2023 година.

Комисијата на денешната седница го усвои и годишниот план за јавни набавки, во кој најголеми ставки се набавка на нов софтвер и реконструкција на просториите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.