Катица Николовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) говорејќи за активностите на Комисијата во однос на целиот изборен процес за претстојните Локални избори 2021, информира дека во изминатата недела во ДКСК се примени 60 барања за мислења од институции, за што, според неа, постои правна несигурност во однос на одлучувањето во самите институции и бараат согласност од ДКСК.
Николовска на денешната прес-конференција беше децидна дека ДКСК нема надлежност да дава мислења по овие предмети.
– Во делот на вработувањата се најголем дел од овие барања односно дали смеат да вработуваат итн… Во делот на измените во Изборниот законик предвидено е дека вработувања може да се вршат само во дел на неодложни и итни случаи, освен за потребите на воспитно образовниот процес, појаснуваше Николовска.
Од ДКСК повикаа секој да си ги носи одлуките во рамки на законските одлуки.
Според Билјана Ивановска, претседател на ДКСК , самата постапка на објавување огласи за вработување непосредно пред започнување на изборниот процес, не е во ред иако законски не е забрането.
– Ние сметаме дека тие не се во духот на доброто управување и дотолку повеќе што веднаш треба да се стават во мирување. Со самото објавување ги ставаат во заложничка позиција оние кои очекуваат да бидат вработени и тоа може да го користат како класичен клиентелизам односно обезбедување гласови, рече Ивановска на прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на земјоделските субвенции, Ивановска потенцира дека субвенциите се редовна исплата, што се исплаќаат секоја година по Програма донесена од Агенцијата за финансирање на земјоделството и руралнито развој. Но, како ќе се исплатат и на кои луѓе, подвлече таа, има критериуми и цела програма и селекцијата ја прави Агенцијата.
Според неа, перцепцијата е дека се изнаоѓаат разни начини за да се заобиколат законските забрани кои се однесуваат на изборите.
– Порано немаше забрани, а произлегле од непрофесионално и несоодветно постапување на претходните гарнитури и се договориле дека ќе има правила на игра. Секоја година гледаме дека овие правила на игра се сака да се заобиколат, незнам зошто, тогаш нека ги укинат и секој нека работи по своја совест, изјави меѓу другото претседателката на ДКСК.
Ивановска оцени дека за секоја покрупна промена, како што рече, потребна е поголема политичка волја, ДКСК треба да даде препораки, но некој треба да ги испочитува.
Николовска информира дека и ова година ќе соработуват со меѓународната фондација за следење на изборните политички системи. Ќе се обезбеди поддршка со лица кои ќе бидат вклучени во следењето на изборните активнсотси на учесниците во овие локални избори и во име на ДКСК ќе обезбедуваат податоци и информации во однос на начинот и видот на рекламирање и друго.
За таа цел на веб страницата на ДКСК е објавен повик за пријавување на 50 набљудувачи за речиси сите општини и тоа по еден за поголеми општини, а за помалите општини предвидено е еден набљудувач за две до три општини зависно од нивната големина и локација.
Прв пат оваа година, информира Николовска, е објавен повик за пет аналитичари чија надлежност ќе биде анализа на податоци и информации од финансиски извештаи, како и анализа на податоците што набљудувачите ќе ги приберат од терен и ќе ги достават до ДКСК.
ДКСК го обновува регистар на возила на државни органи, локална самоуправа, јавни претпријатија, како ефективна алатка во контролата на користењето на службените возила за партиски цели и потреби на изборни кампањи. Регистарот, нагласи Николовска, е објавен на веб страницата на ДКСК и упатен е повик до сите државни органи да извршат ажурирање на податоците за новонабавени, оттуѓени во меѓувреме и на друг начин обезбедни возила за користење.
– На нашата веб страница е објавен и образец за пријавување неправилности или за сомневање за незаконско користење на државните ресурси во делот на изборната кампања, изјави Николовска и ги повика граѓаните да ги користат овие алатки без да се плашат дека ќе бидат обелоденети нивните податоци или некој ќе може да врши притисок врз нив.
Таа потенцира дека и оваа година ДКСК ќе обезбеди пристап до бази на податоци на други институции каде ќе може да врши паралелна проверка на податоците што учесниците во локалните избори преку своите финансиски извештаи и преку извештаите за обезбедени донации ќе може да се контролираат преку другите бази на податоци со цел да се утврди дали донациите се законски обезбедени.