Антикорупциска ги предупреди партиите дека „ќе им дишат во врат“ – имаат увид во трансакциските сметки

Од Државната комисија за спречување на корупција ги потсетуваат политичките партии на одредбите од Изборниот Законик, кои предвидуваат одредени ограничувања во текот на изборната кампања.

-По повод започнувањето на Изборната кампања за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Државната комисија за спречување на корупцијата сака повторно да им укаже на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата на нивната обврска за доследно почитување и примена на одредбите на членовите 8-а и 8-б од Изборниот Законик, како и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а се однесуваат на ограничувања и забарани на одредени активности во изборен период. И со објавеното соопштение од 17.02.2020 година и сега, ДКСК потсетува на следново:

1. „Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите:

Не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;

Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори;

Не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.“

„Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите:

Не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.

Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање. “

„За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

Истовремено укажуваме дека ДКСК НЕМА ДА ДАВА МИСЛЕЊЕ/СОГЛАСНОСТ ПО ДОСТАВЕНИ БАРАЊА ЗА МИСЛЕЊА ОД ИНСТИТУЦИИТЕ А КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА
ВРШЕЊЕ АКТИВНОСТИ ПРЕТХОДНО ОПФАТЕНИ СО ЗАБРАНИТЕ. ОДГОВОРНОСТА ЗА РАБОТЕЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ Е НА НИВНИТЕ ОДГОВОРНИ ЛИЦА.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.

Во таа насока, ја повикуваме јавноста да го користи „РЕГИСТАРОТ на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал“ објавен на веб страната на ДКСК, и секоја злоупотреба на возилата за партиски цели да биде пријавена.
Исто така потсетуваме дека како и минатата година, на веб страната на ДКСК е поставен образец „ПРИЈАВА„ и секоја повреда на претходно наведените ограничувања да биде пријавена и поднесена преку меил.

Сакаме да соопштиме дека оваа година ДКСК воспостави посеопфатно следење на активностите на учесниците во изборната кампања и тоа:

Обезбеден е пристап до трансакциските сметки на сите учесници со цел увид во средствата кои се прибираат за финансирање на изборната кампања;

Обезбеден е пристап до бази на податоци од неколку институции со кои ќе може да се врши вкрстена проверка на прибраните финансиски средства;

Со меѓународна поддршка, ангажирани се набљудувачи и извршена е обука за начинот на снимање на активностите на учесниците во изборната кампања на терен. Добиените податоци ќе бидат користени во насока на обезбедување докази за регуларноста на изворите на финансирање од страна на учесниците во изборната кампања.

Во однос на обврската на ДКСК за одржување на јавни седници поврзани со одлучувања по поднесени приговори од организатор на изборна кампања во случаи на сомневање за незаконито финансирање на изборна кампања или незаконито користење и располагање со буџетските средства, имајќи ја во предвид ситуацијата со Ковид-19 вирусот, ДКСК максимално ќе ги почитува протоколите пропишани од надлежните органи за обезбедување заштита при одржувањето на Седниците. Во таа насока, а во зависност од моменталната ситуација, Седниците ќе бидат одржани во соодветна просторија или on-line преку конференциска врска, за што јавноста ќе биде навремено известена.

Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, це наведува во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.