Антикорупциска отвори три предмета против Тозија, бара од Владата да го разреши за незаконски филмски исплати

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ја одржа во четвртокот својата 36-та седница, по што потврди дека е покрената иницијатива за утврдуање одговорност на в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Законот кажува дека Владата го именува и разрешува директорот, па има рок од 60 дена на антикорупционерит да им одговори на иницијативата. Во меѓувреме, поднесен е и прекршочен платен налог до Тозија.

Причина за оваа иницијатива, како што рече Владимир Георгиев од Антикорупциска, е непостапувањето, односно прекршување на процедурите за исплата на филмските проекти согласно Законот за филмска дејност. Тоа е првиот од трите предмети против Тозија.

В.д. директорот ургентната исплата на 27 проекти во март ја окарактеризира како помош за независните филмски работници и продуцентски куќи, по што се појавија реакции од филмаџии и случајот влезе во јавниот фокус.

„Овој предмет е отворен врз основа на наводи во медиумите, но и на бројни претставки пристигнати до ДКСК, како и на низа известувања и укажувања од самото Министерство за култура“, рече Георгиев.

Иницијативата на ДКСК била поткрепена и со наводите дека во Филмскиот совет на Агенцијата постојат ситуации на судир на интереси. Дел од овие известувања се однесувале и за неизборот на филмски проекти, согласно првиот круг на годишниот конкурс, кој наместо во април се пролонгираше до јули, а резултатите беа објавени пред два дена.

„Директорот на Агенцијата има надлежност да именува членови на Советот, а во исто време има надлежност да именува филмски рецезенти. Меѓу тие пет членови на Советот, двајца имаат двојно именување, односно е два члена коишто ги оценуваат проектите и даваат мислење на самите себе. Му кажавме на директорот дека тоа е недозволиво и дека е судир на интерес и неспоивост, чекавме долго за одговор и на 17-ти јули нѐ извести дека ги разрешил двајцата членови. Со оглед на тоа дека долго време чекавме, сепак одлучивме, за што ни дозволува Законот, да поднесеме прекршочен платен налог до директорот поради доцнење на одговорот“, рече Георгиев на прес-конференцијата.

Во однос на 27-те проекти кои биле во завршна фаза, антикорупционерите побарале целосна информација од Тозија уште во мај. Добиле листа со 29 филмски проекти. Истовремено, ресорното министерство ги информирало дека се исплатени 30 односно 31 проект.

„Конечно, не може ни да се утврди колку фактички проекти биле исплатени во периодот меѓу 20-ти и 23-ти март. Независно од ова, постапката околу финансирањето и исплатата на филмските проекти е уредена со Законот за филмска дејност, особено членот 34, 35, член 39 став 3. Исто така и договорот што се потпишува помеѓу филмските продуценти и директорот на Агенцијата за филм, содржи одредби, особено членот 5 каде се регулира дека динамиката на исплата од Агенцијата се врши процентуално согласно повеќе фази“, рече антикорупционерот.

Тоа, дополни Георгиев, е врз основа на доставена банкарска гаранција која соодејствува со самата динамика на реализација на филмот.

„Во ставот 4 од член 5 е регулирано дека натамошната исплата се врши врз основа на доставено барање од страна на продуцентот и оваа банкарска гаранција. Во договорот, ниту во Законот, не е содржан член според кој од причини на ‘виша сила’ директорот може да додели средства за следната фаза на реализација на проектот без продуцентот да приложи нова банкарска гаранција“, потенцираше Георгиев.

„Ова не може да биде основ за вакво постапување на директорот, односно доделување на средства, затоа што се работи за една настаната ситуцаја, во која се веќе доделени средствата за одредена фаза на реализацијата на проектот и за што веќе била приложена банкарска гаранција. Значи, не може да се споредат оваа одредба од договорот со она дека за секоја фаза на реализација на филмските проекти мора да се достави оваа банкарска гаранција“, истакна Георгиев.