Антикорупциска: Заев не може да биде и премиер и министер за финансии

62

Премиерот Зоран Заев веројатно денеска ќе го повлече предлогот да биде министер за финансии. Неофицијано, седницата за избор на нови членови на Владата што требаше да започне денеска во 11 часот, сѐ уште не е почната токму поради оваа причина.

Ваквата одлука на Заев најверојатно е резултат на информациите од Антикорупциската комисија, според кои, Заев не може да биде министер за финансии, а истовремено и премиер, туку може само да раководи со секторот финансии.

„Законот за антикорупција е јасен и предвидува дека премиер истовремено не може да биде и министер и дека овие две функции се неспоиви. Меѓутоа, Законот за Влада му дозволува да раководи со одреден ресор во одреден период во определни услови“, соопштуваат од Антикорупциска.

Инаку, членот 44 од законот за спречување на корупција и судир на интереси гласи: „Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспоиви една со друга“.

Во Законот за Влада, пак, во членот 11 се наведува дека „Претседателот на Владата раководи со работата на Владата, одговорен е за нејзината работа и остварува соработка со другите органи, јавни претпријатија и установи, го насочува дејствувањето на Владата во целина и на нејзините членови во согласност со програмските определби и насоките што таа ги утврдува, ги потпишува прописите и актите што ги донесува Владата и се грижи за нивното спроведување…“, информираат од Антикорупциска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.