Антикорупциската комисија ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд за Законот за легализација на дивоградби

Државната комисија за спречување на корупцијата е на мислење да поднесе иницијатива до Уставниот суд за вчера донесениот Закон за легализација на дивоградбите.

„Ако Законот за легализација на дивоградбите стапи во сила, тогаш можеме да ставиме крст на сите други закони, затоа сме на мислење да поднесеме иницијатива до Уставниот суд, па тие судии нека ценат“, вели претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска во изјава за МКД.мк.

Ивановска вели дека прво ќе го анализираат текстот на Законот, но нагласува дека, според објавеното во медиумите, Законот нема никаква логика.

Новиот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти што вчера го изгласа Собранието со 72 гласа „за“, тројца „воздржани“ и петмина „против“ ќе донесе нови дивоградби и неуривање на постојните, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски.

Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.