Антителата на коронавирусот исчезнуваат по неколку месеци, истражување

(Photo by Paul ELLIS / AFP)

Истражувањето на група научници од Минхен укажува дека антителата против новиот коронавирус SARS-CoV-2 не се задржуваат во телото подолго од неколку месеци, што ги доведува во прашање ефикасноста на евентуалната вакцина или создавањето долгорочен имунитет.

Тестирањата на пациентите лекувани во минхенската болница „Швабинг“ покажале значителен пад на бројот на неутрализирачките антитела во крвта, вели Клеменс Вендтнер, виш советник на одделот за заразни болести во болницата.

„Кај четворица од девет пациенти забележавме пад на неутрализирачките антитела на многу специфичен тест кој може да се спроведе во лабораторија со висока безбедност. Сега може само да се шпекулира за влијанието на ова откритие на долгорочниот имунитет и стратегијата за развој на вакцина“, вели Вендтнер.

Резултатите сугерираат дека пациентите кои оздравеле може повторно да се заразат со вирусот, но потребни се дополнителни тестови за тоа да се потврди, додава германскиот научник.

Имунитетот на организмот го прават Б клетките одговорни за антителата и Т клетките кои помагаат во уништувањето или може самите да ги уништат патогените кои научиле да ги препознаваат откако организмот бил изложен на првата инфекција. Двата вида клетки се одговорни за долготрајниот имунитет.

Откритието на тимот на Вендтнер е во согласност со други истражувања спроведени во светот. Кинеските научници во студија објавена неодамна во стручното списание Nature наведуваат дека присутноста на антителата на коронавирусот во крвта паѓа значително по два месеца. Тоа особено се однесува на асимптоматските пациенти кои произведуваат помалку антитела и поради тоа имаат послаба имуно реакција.