Антологија на лагата: зашто да верувам на политичари што не веруваат во ништо

 

Дали политичарите во Македонија, особно оние од власта, го чувствуваат или детектираа опаѓањето на јавната доверба во нивните политики и нивната способност да испорачаат резултати во справувањето со националните приоритети? Веќе не е спорно дека перцепцијата за оваа влада во заминување е негативна, а граѓаните што го поседуваат овој негативен стереотип се резистентни на идејата дека оваа власт може да произведе високо квалитетни производи и да обезбеди квалитетни добра и услуги. Единствено поле каде оваа власт сеуште може да одигра важна улога во животите на граѓаните е вработувањето. И тоа она партиското, во јавната администрација. Сега е моментот кога ќе биде „дај што дадеш“ пред избори. Не дека досега беше поинаку.

Не морам да се прашувам дали оваа власт досега испорача нешто конкретно на полето на економската сигурноста и благосостојба на овој народ, преку зајакнување на економијата или, не дај боже, странските инвестиции, што може да ги видат само нивните слепи подржувачи. Се гледа колку и како испорача. Од толку убајна македонскиот народ се иселува. Очигледно народот и не е важен во агендата на оваа  власт. Секогаш може да си увезе нов.

Она што оваа власт стварно испорача во последниве три години е национално понижување и национален срам, преку промена на името на државата и добрососедството на штета на македонските национални интереси, историјата и достоинството на македонскиот народ. Наместо да решава проблеми, владата на Заев креира нови за во иднина. Затоа и перцепцијата е дека оваа власт е дел од проблемот, а не негово решение. Оваа власт се покажа како фундаментално штетна за Македонија и неспособна да испорача решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.

Секогаш сум бил циничен и сум имал здрав скептицизам кон владините политики и начинот на кој се практицирала власта во Македонија. Оваа власт ги надмина моите најлуди очекувања. Со својата „визија“ преточена во акција и висок „интелектуален“ капацитет успеа да ја зацементира нашата бесперспективност и успеа да го направи ендемско разочарувањето во живот достоен за човек. Оваа влада во заминување е доказ дека комбинација на плутократија (владеење на богатите) и клептократијата (владеење на корумпиранитe) води кон хипокризија. Тоа е онаа ситуација кога Премиерот се колне во неговата „македонска “ жица и дека името нема да го менува, а постапува спротивно од неговите ветувања и се преправа дека верува во нешто во што никогаш не верувал. И после дај не биди циник.

Отсекогаш постоело прифатливо и оправдано ниво на недоверба во политичарите и во она што го зборуваат кај нас. Но, денес по сите изречени лаги на Премиерот во заминување, постои цврсто автоматско предубедување дека не треба да му се верува. Особено не кога гледаме дека свесно ја фабрикува вистината. Фабрикувајќи ја вистината ја фингира демократијата. Затоа кога оваа власт и Премиерот на претстојните избори ќе побараат да им верувате ќе им биде тешко и понатаму да манипулираат со вистината. Лагите на оваа власт се антологиски и веќе не можат да ги исперат ниту владините фабрики на свеста. Кои за воља  на вистината во одбрана на истите не продуцираа ништо друго, туку мизологија. Омраза и презир кон се што размислува. Се што има и малку храброст преку слободната мисла да ја опсервира, објасни и побара решение на реалноста, одбивајќи да ја консумира онаа што ни се нуди во продукција на нивната ментална матрица.

Дефинитиво, морам да признаам дека оваа власт е ориентирана кон иднината. Го успеа невозможното. Креира држава со повеќеслојна реалност. Креира илузија на реалноста, ментална измама, генерирана од политичко медиумските фабрики. Вештачки креираната илузија на реалноста од страна на оваа власт требаше да ги затапи нашите сетила и ја замагли нашата перцепција, овозможувајќи им вешто да манипулираат со вистината и судбините на луѓето. Ние со оваа власт го живееме  својот матрикс – виртуелно генериран свет навлечен преку нашите очи, да не направи слепи за вистината. Имам впечаток дека ние во Македонија очигледно живееме во паралелни светови. Оној на власта и другиот. Оној на граѓаните што одбиваат да живеат во проектираната реалност на власта, во која националното предавство, обезличувањето на македонскиот народ и понижувањето се претставува како историско достигнување на државата предводена од Премиерот Заев. Во тој свет не припаѓам. Ниту некогаш ќе припаѓам. Како ни тие во мојот.

Полека паѓа превезот од очите и одеднаш гледаш како многумина вовлечени во политичкиот процес последниве години, па и некои медиуми, чувствуваат дека заедно тонат во спиралата на лаги, криминал и градење лажни митови. Нема веќе заедничко споделени цели и лојалност, која ги држеше заедно последниве години. Нема кој веќе кој да го сопре паѓањето. ЕУ ја бутна оваа власт, ставајќи ја во индуцирана кома. Дали ќе се разбуди ќе видиме наскоро. Во која реалност и тоа ќе видиме. Во нивната или нашата. Или, ниту во едната, ниту во другата.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес