„Антологија на балканскиот расказ“ од Раде Силјан

132

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат „Антологија на балканскиот расказ“, во која се застапени седумдесет и три раскази  од истакнати писатели од дванаесетте балкански држави: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Романија, Словенија, Србија, Хрватска, Турција и Црна Гора. Изборот, предговорот, коментарите и белешките за авторите ги направи македонскиот поет и литературен критичар, Раде Силјан.

„Во Антологискиов избор на балканскиот расказ е направен хронолошки пресек на врвни авторски остварувања во овој жанр на претставници од повеќе генерации, високо вреднувани во своите држави и препознатливи во европски и светски рамки. Во нивните дела се пресликуваат големите промени: политички, економски, историски и национални, кои се рефлектираат и го збогатуваат нивното литературното творештво. Во првата половина на минатиот век раскажувачите главно се преокупирани со теми, во кои се величат историски личности и настани, а во многу дела митските елементи заземаат централно место. Процесот на новото настанува во втората половина на дваесетиот век, кога започнува трендот на воведување современи теми, кои низ преплетот на реалноста и фантастиката ја создаваат сликата за современото време“, констатира Раде Силјан во предговорот под наслов „Совршен облик“.

Антологијата на балканскиот расказ има за цел  да покаже колку се блиски народите на овие простори, иако честопати во историјата имале многу недоразбирања и непријателски односи, крвави војни, во кои загинале илјадници невини жртви. Таа е издавачки проект прв од ваков обем и вид реализиран во Република Македонија и во соседните држави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.