Јанушев: Синот на Цветанка Иванова од СДСМ доби тендер под сомнителни околности вреден 300.000 евра

Денеска на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, објави за крајно сомнителен тендер во кој е вмешан близок роднина на висок функционер на СДСМ.

„Се работи за тендерот распишан од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за извршување на патни работи во зимски услови, и тоа за територија на подрачјето на Штип за сезоната 2019-2020 година.

Ни помалку ни повеќе, најповолен понудувач за овој тендер, на кој вредноста може да достигне и до повеќе од 300.000 евра е синот на генералниот секретар на Собранието од редовите на СДСМ, Цветанка Иванова.

Зоран Иванов, син на Цветанка е сопственик на фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица, а воедно Иванов е и бизнис партнер на Трајче Заев во фирмата „ОМНИ ГРАДБА“ ДОО Струмица која се занимава со градежништво“, изјави Јанушев, за кого, тендерот е добиен под исклучително сомнителни околности.

Повикувајќи се на „податоци“, рече, дека кога одлуката за избор е донесена на 08 номеври 2019 година, согласно електронскиот сајт за јавни набавки, нивните информации говорат дека токму во тој период фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица не ги исполнувала основните услови за добивање на тендерот кои се барале, односно не ја поседувала потребната механизација.

„Нашите информации говорат дека дури после две недели, Зоран Иванов и фирмата ДИКОР ЦД ја набавиле од грчка фирма потребната механизација и тоа под закуп. Машините се со грчки регистарски таблици и со налепници од грчката фирма сопственик. Ова не потсетува на случајот каде камионите на Вице Заев возеа за „СВ ИНВЕСТ“ во РЕК Битола“, изјави Јанушев.

Тој јавно упати неколку прашања во врска со овој тендер.

„Дали најпрвин е добиен тендерот од страна на Зоран Иванов, а дури потоа е обезбедена целокупната механизација?

Дали однапред се знаело дека тендерот ќе го добие токму синот на Цветанка Иванова и бизнис партнер на Трајче Заев?

Дали возилата ги исполнуваат потребните стандарди согласно тендерската документација и важечки закони, а пред сѐ дали ги исполнуваат еколошките стандарди?

Дали надлежните институции знаеле за овие сомнителни работи и молчеле?

Кој ќе ја сноси одговорноста?“, се прашањата што ги постави Јанушев.