Апасиев до Спасовски: Не ви паѓаме на евтини финти, не ви влеговме во стапицата на 50 уфрлени провокатори

Во врска со вчерашните случувања на протестот пред Собранието, при што беа уапсени 11 лица, претседателот на Левица, Димитар Апасиев денеска се огласи на својот фејсбук профил, обраќајки му се на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Драг Оливер. Синоќа не ви влеговме во стапицата на тајната полиција. 50-темина уфрлени провокатори со качулки од АНБ, кои застанаа пред транспарентот на Левица, беа навреме “прочитани” и левичарите се дистанцираа од нив со санитарен кордон!
Имаме километража со протести. Не ви паѓаме на тие ефтини финти, за после да имате основ да го поапсите цело раководство на Партијата (како што ве учат петте агенти на ЦИА за местенки, кои дошле пред два дена во Македонија). МАКЕДОНИЈА е долга и широка работа бе, предавници! За неа сме спремни и да изгинеме, ама не сме до толку глупи да наседнеме на вашите проѕирни местенки.
Се гледаме секоја вечер – се побројни и се посплотени! До конечниот пад на оваа корумпирана окупациона Влада.
p.s. Тргнавте против народот со палици, специјалци и кучиња!? Ќе завршите бетер од Гоца. Никој не победил народ со пендрек. Се гледаме на барикадите! До вашиот конечен крај!“, напиша Апасиев.