Претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање за медиумите, образложувајќи зошто нема да прогласи по четврти пат вонредна состојба а зошто ги прогласил претходните, всушност признал дека во тој период со владините мерки е вршен предизборен поткуп, коментираше лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев,
„Косоварскиот Прецедник Пендаровски тукушто призна, јавно, дека „давал“ вонредна состојба за да се врши ПРЕДИЗБОРЕН ПОТКУП преку уредби со законска сила!“, напиша на својот фејсбук профил Апасиев веднаш по обраќањето на шефот на државата.
Пендаровски, имено, во денешното обраќање рече дека претходните вонредни состојби биле прогласувани на барање на Владата, со нејзино образложение зошто е потребно тие да бидат воведени
„Сите претходни вонредни состојби ги прогласив заради потребата во отсуство на парламент, да се управува преку уредби со законска сила со цел борба против ефектите од пандемијата во здравствената и економско-социјалната сфера, откако најголемиот број од стопанските субјекти престанаа со работа“, рече Пендаровски.
Како што изјави Пендаровски, според информациите добиени од Владата, во изминатиот период биле обезбедени „доволни количини на медицинска и заштитна опрема“, и додаде дека се донесени „економски мерки за поддршка на националната економија за која постои покритие во Буџетот“.