Апасиев: Преговорите за името се тотално нелигитимни

Професорот Димитар Апасиев во вчерашното гостување во емисијата „60 минути со Горан Момировски“ на Алфа ТВ рече дека преговорите за името се тотално нелигитимни и според меѓународното и домашното право.

Според уставниот систем, Македонија има бицефална извршна власт, што значи дека ние немаме само премиер, или само претседател, туку и премиер и претседател. Премиерот го бира собранието, а претседателот го бира народот и од тука уставот него му ги дава ингеренциите да преговара, договара и да склучува меѓунардони договори, а никако не владата. Сите го забораваат ова, особено советниците на премиерот кои имаат слаб правен капацитет и го забораваат законот донесен во време на Киро Глигоров, а претседател на собрание, Тито Петковски, за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, вели Апасиев.

Според него, во овој закон, во член 3 стои дека договори во име на РМ склучува претседателот, не премиерот.

Не може Вие само да го брифирате претседателот Ѓорге Иванов, не, тој ги води потезите, тој може Вас да ве брифира. Граѓаните може да бидат спокојни дека нема да дојде до промена на името, бидејќи без потпис од претседателот Владата не може да иницира ратификација на договор која се прави во собранието. Практично договорот оди од Иванов, преку Владата до Собранието, па на референдум. Овој закон е  легс специјалис во однос на Законот за надворешни работи, а и тој умесно оперира со термините, на пример „мислење на владата или министерство“, додека кога станува збор за претседателот оперира со терминот „одлука“, вели Апасиев.

Професорот не верува дека Иванов ќе потпише таков договор, кој треба подоцна да биде потврден на референдум.

И тука сега имате опции, ќе се вклучи тогаш Левица и други опозициски парти. Според нашата стратегиска проценка ќе оцениме дали е добро да се бојкотира референдумот па ќе немаат цензус да го сменат името, или да се гласа, но против, во зависност од тоа како ќе биде формулирано прашањето на референдумот, смета професорот.

Него не го чуди што СДСМ, која има добри правници и советниците на Заев се обидуваат да го протуркаат договорот за името на ваков начин.

Овие ликови се многу потпрени на странскиот фактор и тоа им ги отпушта конците во контактот со домашната јавност, тие се во сосема друга реалност во процесот, не можат да спроведат успешен референдум за промена на името, тоа се илузии без обзир каков услов да постават пред граѓаните, дали без него нема да влеземе во НАТО или по 30 години во ЕУ. Да беше така промената на името ќе поминеше во 1993 година,  имало сто обиди до сега, па и во 2008 година по самитот во Букурешт. Не може на мускули да се истера таа работа, вели Апасиев.

Професорот потсеува дека договорот не може да помине ниту врз основа на меѓународното право, бидејќи Меѓународниот суд во Хаг, врховен суд во светот, не признава дополнително условување за прием во ОН освен основните три.

Македонија во 1993 година кога стана 181 земја членка на ОН, Советот за безбедност ја донесе резолуцијата 817 која предвидува „ брзо решавање на разликата околу името“, значи нема збор за спор, а 27 години се се само не брзо решавање, тогаш ни велеа ќе се реши за три месеци…При прием релевантен е само членот 4 од повлебата- само да сте држава, да сте мирољубива и да ги прифаќате повелбите и начелата на ОН. Но кај  нас во случајот имате два дополнителни услови. Судот во Хаг веќе пресудил дека СССР не можел да наметнува дополнителни услови на Португалија. Затоа се залагам за меѓународно правна процедура, која што ќе пресече со преговорите, официјално ќе ги известиме ОН дека ние не можеме да се договориме со Грција, навистина не можеме да се договориме, тоа е нерешлив спор бидејќи се меша идентитет, јазик, историја итн и дека ние бараме во иднина преку ОН и Генералното собрание да ни се обраќаат под уставното име. Впрочем 137 земји во овие транзициски години веќе ја признале Македонија под уставно име, од нив 4 од 5 земји во Советот за безбедност. Така што грчката националистичка, експанзионистичка политика мора да биде поразена како што бепе поразена со пресудата на меѓународниот суд во 2011 година, вели Апасиев.

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.