Апасиев: Претседателот е главниот играч, без негов потпис договорот не важи

Според член 119 од Уставот на Република Македонија „меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија”. Шефот на државата Ѓорге Иванов денеска изјави дека договрот е штетен и нема да го потпише.

На крај, го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот. Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор, рече Иванов.

За професорот Димитар Апасиев од Левица преговорите кои ги води македонската со грчката влада за промена на името се тотално правно нелегитимни. Македонскиот Устав му дава право само на претседателот да преговара, договара и склучува меѓународни договори, а не на владата, вели Апасиев.

„Овие преговори што се водат се тотално правно нелегитимни. Впрочем, македонскиот уставен систем предвидува, стручно да се изразам, бицефална извршна власт. Тоа значи дека ние немаме само претседател и само премиер. Туку имаме и претседател и премиер. Премиерот го избира Собранието, претседателот на државата како шеф на државата, на Републиката, го избираат граѓаните. И од тука Уставот му ги дава нему ингеренциите да преговара договара и да склучува меѓународни договори. Не на Владата, никако на Владата. Значи само во одредени ресорски технички работи, образование, култура како што ги наведува“, истакнува Апасиев

И според Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, меѓународните договори, во име на државата ги склучува претседателот на Република Македонија, а не премиерот.

Апасиев вели дека овој случај е сосема поинаков од оној со Законот за употребата на јазиците. За јазиците претседателот има право на суспензивно или џебно вето, но во случаите со меѓународните договори претседателот е главниот играч, тој е примус, а премиерот е секундус.

ЛЕВИЦА: Ништо не е готово! БОРБАТА допрва почнува!

„Левица одлучно ќе се вклучи во кампањата против промена на уставното име на Републиката, со сите свои расположливи капацитети. Во случај на потпишување на квислиншкиот договор на Заев и Ципрас, истиот веднаш ќе биде оспорен и СОБОРЕН пред Уставниот суд на РМ.

Во случај на иден референдум на државно ниво за самоукинување на македонскиот народ – активно ќе работиме на БОЈКОТ на таквиот референдум, доколку тоа е најефективниот начин за спротиставување на промената на уставното име.

Апелираме до граѓаните, да не потпаѓаат под владината агитација и пропаганда дека „сè е готово и договорено“. Ништо не е готово! БОРБАТА допрва почнува!

Ве уверуваме дека оваа налудничава операција за самоукинување нема да им помине“

Президиум на Левица
13 јуни 2018

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.