Апасиев: Во референдумското прашање одиме на варијанта со наратив „против“

„Прашањето ќе биде: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, слично како за Преспанскиот договор, со прифаќање на собраниските заклучоци со тој и тој архивски број од 16-ти јули 2022 година“. Со ова практично е невозможно да се одбие иницијативата и затоа одиме со оваа варијанта. Наративот е продолжување на духот на протестите против бугаризацијата“.

Ова го изјави претседателот на Левица, Димитар Апасиев во емисијата „Само интервју“ на Канал5, соопштувајќи како неговата партија ќе го формулира прашањето за референдум што го иницира, откако иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ беше одбиена од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Според него, и иницијативата на Христијан Мицкоски била формално-правно уредна, но дека Левица, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, нема директно да го „напаѓа“ Договорот со Бугарија, туку Заклучоците, со цел, како што рече, „да не му даваме муниција на Талат Џафери да изигрува уставен судија односно да толкува Устав“.

– Одиме на варијанта во која наративот ќе биде „против“, а не „за“, односно наратив на продолжување на духот на антивладините протести против бугаризацијата кои беа најмасовни откако е СДС на власт, рече Апасиев, додавајќи дека според нашиот Закон за референдум, изјаснувањето е „за“ и „против“ и дека очекува граѓаните на прашањето да гласаат против.

„Поентата е дека сега се оди согласно член 24 од Законот за референдум, дека на државно ниво референдум може да се распише за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието. Имено тие „други прашања за кои одлучувало Собранието“ се овие Заклучоци кои ние ги ставаме на референдум, појасни Апасиев.

Проблемот во Заклучоците, рече тој, е во точката 1 – која ја внесува Преговарачката рамка т.е. трите документи кои не им беа доставени на пратениците, и точката 3г кој е т.н. француски предлог.