Апел од ЦУК по обилните врнежи: Да се избегнува движење покрај надојдени реки и потоци

Континуираните врнежи од дожд кои ја зафатија целата земја значително го зголемија нивото на реките. Иако досега не се пријавени поплави на големи земјоделски површини или објекти, освен една фарма во битолско село и мала површина на земјоделско земјиште кај Куманово, Центарот за управување со кризи информира дека постои опасност дека тоа може да се случи бидејќи врнежливото време ќе продолжи ноќва и утре.

Ситуацијата е најделикатна покрај поголемите реки во западниот дел на земјата, па од ЦУК апелираат до сите граѓани да избегнуваат движења покрај реки, потоци или други извори на вода.

А, замрзнат дожд утринава направи хаос на патот Гостивар – Маврово. Одрони, искршени гранки и цели стебла на асфалтот го отежнуваа, а на моменти сосема го блокираа сообраќајот.

„На патот кон Маврово и Дебар сообраќајот е отежнат во зимски услови поради свлечишта и скршени дрвја. Екипите на јавното претпријатие Македонија пат се на терен и интензивно работат на отстранување на пречките. Во регионот на Гостивар врнежите се поинтензивни, затоа бидете многу претпазливи во овие зони бидејќи постои реален ризик од излевање на коритата на помалите потоци.“

И утре во земјава ќе преовладува нестабилно време, а од средината на неделата ќе почне и да заладува.

Првичните информации на некои странски метеоролошки сајтови најавуваат сибирски студ во Македонија од следниов викенд, но останува да се види. Поради маглата и дождот кој го растопи снегот, центарот Попова Шапка денеска не работеше.