Апелација ја укина пресудата за „Таргет-Тврдина“

Апелацискиот суд во Скопје ја укина пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“ од февруари во 2021 година, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја оцени како беспредметна.

Случајот што беше отворен за масовното нелегално прислушување, резултира со вкупна затворска казна од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. Одбраната на Мијалков се задоволни од одлуката на Апелација, но засега се воздржуваат од коментари додека не ја добијат одлуката во писмена форма за да воочат кои забелешки од изнесените жалби им се прифатени од судот.

По 15 години добија Горан Грујевски и Никола Бошковски, шест години му беа изречени на Тони Јакимовски, четири на Гордана Јанкуловска и три на Надица Николиќ. Условни затворски казни во траење од две години беа изречени за Маријан Шумуликоски, Владимир Варелов, Васил Исакоски, Валентина Симоноска и Силвана Златова.

„Апелациониот суд Скопје, при разгледување на пресудата, констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“, се вели во соопштението од Апелациониот суд Скопје.

Одлуката ја донесе петчлен судечкиот совет со Џенета Бегтовиќ како прва судијка, Владимир Туфегџиќ како втор и уште тројца поротници. Сите обвинети, освен бегалците Грујевски и Бошковски, ја слушнаа пресудата во судница.

Основниот кривичен суд во Скопје задолжи и четворица од првостепено осудените да ја надоместат штетата за уништената опрема за прислушување во УБК, но до тоа, сепак, нема да дојде по денешното укинување на пресудата од Апелација.

Оштетените граѓани кои, пак, биле предмет на прислушување, судот ги упати да бараат отштета во граѓанска парница.

Обвинителка во предметот беше Ленче Ристовска.

Судскиот процес започна на 22 декември во 2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и голем дел од над 200 оштетени лица.