Апелација му ја намали за 2 години казната на полицаецот кој силуваше дете

Апелацискиот суд во Скопје му ја намалил казната на поранешниот полицаец Александар Костовски, осуден на 18 години затвор од скопскиот Кривичен суд за трговија со малолетничка и за силување на нејзиниот брат, објави „А1он“. Со новата одлука на Апелација, казната му се намалува за две години – на 16.
Од Апелација посочуваат дека ја намалиле казната ценејќи ги олеснувачките околности. Воедно, судиите од Апелација ја отфрлиле жалбата поднесена од обивнителката Наташа Поп-Трајкова, која бараше на осудениот да му се изрече повисока казна од првично пресудената. Поранешниот полицаец Костовски во текот на судењето призна дека користел сексуални услуги од детето помало од 14 години, и дека тоа го правел цели три години. Тој извршил и друго полово дејствие врз братот на девојчето.

„…Отежнувачките околности доведени во корелација со фактот дека обвинетиот не е претходно осудуван и против него не се водат постапки за други кривични дела, коректното однесување што го покажал пред судот и во таа смисла даденото признание за вина за сторените кривични дела, со што изразил свест за противправноста на своите дејствија, како олеснувачки околности ценети во нивната севкупност во однос на тежината на делата за кои обвинетиот е огласен за виновен, упатуваат на заклучокот дека во конкретниот случај целта на казнувањето може да се оствари и со ефективна казна затвор во пократко времетраење“, пишува во пресудата од која делови објави „А1он“.

Според судиите од Апелација, намалувањето на казната на Костовски е според степенот на кривична одговорност.

„Оправдано може да се очекува превентивно да влијае (казната) врз обвинетиот, за во иднина да не врши вакви или сличен вид на кривични дела, како и позитивно да влијае на планот на генералната превенција“, се додава во пресудата.

Жалба на казната од 15 години има поднесено и Налиље А, мајка на силуваните малолетници, која е осудена за подведување на сопствените деца на проституција.