Апелација одлучува дали Бојан Јовановски останува во притвор

Првообвинетиот во случајот „Рекет” Бојан Јовановски денеска треба да биде испуштен од Градската општа болница „8 Септември” каде што беше хоспитализиран минатата недела поради контролни прегледи со упат издаден од доктор во ординацијата во КПВ Шуто Оризари. Како што претходно информираа од ГОБ „8 Септември”, Јовановски беше сместен во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не поради тежината на неговата здравствена состојба. Тој е во добра општа состојба и здравствена кондиција и во болница ќе остане сѐ додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања, а најдоцна во понеделник, соопштија во петокот од ГОБ 8 Септември.

Јовановски треба да биде вратен во КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор за „Рекет”. Дали ќе остане и натаму во притвор, денеска треба да одлучи Апелацискиот суд. Неговиот адвокат Сашо Дуковски бара да биде пуштен од затвор заради неговата здравствена состојба.

Останатите двајца обвинети за „Рекет”, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец се во домашен притвор.

Судењето за „Рекет” треба да почне утре во Кривичниот суд во Скопје.