Апелациските судии заклучија дека треба да се постапува ажурно за предметите од јавен интерес

По сите предмети, а посебно по предметите од висок јавен интерес, да се постапува ефикасно и ажурно.

Ова е еден од заклучоците на седницата на судии во Апелацискиот суд Скопје, на која акцент бил ставен на ажурноста во постапувањето.

Информацијата за седницата осамна на веб-страницата на скопска Апелација во едно од двете соопштенија што денеска беа објавени. Во соопштението за оваа седница не е наведено кога таа се одржала, но објавувањето на инфорамацијата доаѓа истиот ден кога во јавноста излезе веста дека на 11 април американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер испратила писмо до институции на извршната и судската власт во Северна Македонија, меѓу кои и до Апелација, а во кое ја изразува својата и загриженоста на САД за состојбите со правосудството.

„На седницата беше заклучено дека по сите предмети, а посебно по предметите од висок јавен интерес, да се постапува ефикасно и ажурно, во согласност со законите, како и Судскиот деловник, почитувајќи го редот на приемот на предметите со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и примена на законите и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил. За подобрување на ажурното постапување и одлучување по предметите од јавен интерес, потребно е првенствено да се почитуваат внатрешните процедури за управување со движењето на предметите во судот, Програмата и Планот за спречување на корупција и судир на интереси и воспоставените процедури по ИСО стандардизацијата, како и стратешкиот план на судот“, пишува во соопштението.

Во него има и најава дека за ажурно и ефикасно постапување „дополнително ќе се донесат внатрешни процедури“ како составен дел на веќе донесените.

Покрај информацијата за седницата, од Апелација во соопштението го нагласуваат и недостатокот на судии односно дека судот функционира со 28 од предвидените 52. Од 28-те, само шестмина, како што велат, се во Кривичниот оддел каде се наоѓаат и речиси сите предмети од висок јавен интерес.

„Ажурното постапување по сите видови предмети вклучително и оние од висок јавен интерес, во голема мера зависи од пополнетоста на судиските места и само како напомена дека во Апелациониот суд Скопје во Кривичниот оддел на судот се распоредени 6 – шест судии кои постапуваат по овој вид предмети“, велат од Апелација.

Во второто соопштение од денеска, пак, е наведено дека в.д. претседателката на Апелацискиот суд, Мери Дика-Георгиевска, имала средба и со претседателите на основните судови кои се во подрачјето на овој суд односно двата основни суда (Граѓански и Кривичен) во Скопје, како и основните судови во: Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово.

Средбата се одржана денеска (25 април 2023 г.) и на неа тема била ажурноста, но и недостигот на судии.

„На работната средба беа разгледани повеќе прашања и тековни проблеми, а кои се од важност за работење и функционирање на секој од судовите. Сите претседатели присутни на работната средба се согласија дека ажурното постапување по предметите во голема мера зависи од бројот на судиите и непополнетите работни места во судската служба, а со кој како проблем се соочува секој од судовите. Заради надминување на оваа состојба да се направат напори од Судскиот совет на Република Северна Македонија да се пополнат испразнетите судиски места, со што непосредно ќе се влијае на ефикасно и навремено правораздавање“, пишува во соопштението.

Конкретно, според дел од писмото што го објави телевизијата, загриженоста на која реферира амбасадорката се однесува на првостепените пресуди против високопрофилирани личности кои Апелацискиот суд ги укина и ги врати на повторно судење, поради што, во меѓувреме, застареа дел од предметите кои се водеа против некои од обвинетите.

Писмото од амбасадорката Агелер, како што објави денеска Алсат М ТВ, покрај до Апелација било испратено и до Врховниот суд и неколку основни судови во државата, како и до премиерот Димитар Ковачевски и до министрите за правда и за надворешни работи, Кренар Лога и Бујар Османи.

Загриженоста на која реферира амбасадорката во писмото, според телевизијата, се однесува на првостепените пресуди против високопрофилирани личности кои Апелацискиот суд Скопје ги укина и ги врати на повторно судење, поради што, во меѓувреме, застареа дел од предметите кои се водеа против некои од обвинетите.

„Секој ден сум сè повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од висок профил) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, се наведува во писмото од амбасадорката Агелер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.