АПИС: Власта ги штити спортските обложувалници, а ги заборава казината

Уредбата за отворање на само еден сегмент од дејноста-игри на среќа во првата фаза е дискриминаторска и не е во согласност со европските стандарди за регулација, реагираше Асоцијацијата на приредувачи игри на среќа (АПИС) по одлуката на Владата за фазно враќање на општествените процеси.

„Се создава впечаток дека извршната власт се става во улога на заштитник на спортските обложувалници, без да земе предвид дека со заборавањето на автомат клубовите и казината, кои се во рамки на истата дејност – игри на среќа, создава ризик илјадници луѓе да останат без своите работни места. Автомат клубовите и казината може да бидат дел од првата фаза на олабавување на мерките, бидејќи ние одамна ги преземавме сите неопходни превентивни мерки за функционирање на дејноста во ограничени услови и со максимална заштита од евентуален, потенцијален ризик за пренесување на вирусот“, наведено е во соопштението на АПИС.

Претставници на АПИС, на состанок во Министерството за финансии, го образложија безбедносниот протокол за отворање на автомат клубовите и казината, кој предвидува ограничување на бројот на лица кои можат да бидат присутни во казината и автомат клубовите, инсталирање на заштитни паравани, дистанца од пунктовите за уплата-исплата, 100% дезинфекција, 100% заштита на вработените, задолжително носење на заштитна опрема на посетителите, задолжителна редарска служба. Како што истакнуваат оттаму, танува збор за детално разработен протокол кој ги содржи сите аспекти, согласно стандардите кои се воведени во западните европски земји, каде веќе оваа дејност е повторно во функција.

„Согласно фактот дека во првата фаза, ќе се отворат и спортските обложувалници, затворените трговски центри, па потоа во следната фаза ресторани и слични дејности, апелираме до Владата да ја преиспита одлуката и да им овозможи и на автомат клубовите и казината да започнат со дејност заедно со овие дејности. На тој начин ќе повратиме приходната страна на Буџетот на РСМ и ќе ги задржиме 4000-те вработени на своите работни места во овие две одделни дејности од посебните игри на среќа“, наведено е во соопштението.