Апликацијата „Стоп Корона“ покажува дали сте биле во близина на лице заболено од коронавирус

Мобилната апликација на Министерството за здравство #StopKorona може да се преземе од веб-страницата  stop.koronavirus.gov.mk. Откако корисникот ќе ја внесе во својот мобилен телефон, таа ќе евидентира дали тој бил во непосредна близина на лице заболено од КОВИД-19 во изминатите 14 дена.

-Преземи ја апликацијата од  https://stop.koronavirus.gov.mk/ и активирај Bluetooth. Кога вашиот телефон ќе се најде во непосредна близина со телефонот на лице заболено од КОВИД-19 кое исто така ја активирало апликацијата, оваа информација со ваша дозвола се евидентира во здравствениот систем. Заштити се себе и твоите најблиски. Помогни – заедно да го стопираме ширењето на коронавирусот. Од нас зависи, порачуваат од Владата.

Апликацијата функционира на принцип на анонимизирани шифри, така што им дава брз одговор на здравствените работници со кои лица бил заразениот во контакт во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување и помага за растoварување на здрваствените работници во однос на анкетирањето на контактите со заболените.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски на промовирањето на апликацијата вчера рече дека таа гарантира целосна заштита на приватноста, не ги следи контактите и не користи локација, ниту име и презиме на оние кои ја користат и единствен податок што го бара е мобилниот број на корисникот.