Јапонија ја укинува вонредната состојба во целата земја

Јапонскиот премиер Шинзо Абе најави во понеделникот дека во текот на денот ќе биде укината вонредната состојба поради епидемијата од коронавирусот која и по средината на мај продолжи да важи за областа на главниот град Токио и во уште четири административни области во земјата, но предупреди на можно повторно воведување на рестрикциите доколку заразата се шири.

Ваквата најава јапонскиот премиер ја даде на прес-конференција, откако неговата влада уште на 14-ти мај ги укина ограничувањата за повеќето префектури, освен за Токио и уште четири региони каде на сила останаа засилените мерки на претпазливост.

Премиерот Шинзо Абе, исто така, најави дека вкупниот износ на стимулации за стопанството коешто е погодено од пандемијата ќе достигне сума од 200 трилиони јени преку два пакета помош. Но предупреди дека ќе биде потребно повеќе време за да се нормализира животот, сѐ додека е неопходно да се преземаат мерки за да се контролира ширењето на заразата.

Абе истакна дека на Јапонија ѝ било потребно само месец и половина за да се запре ширењето на заразаа, додавајќи дека тоа ја покажало „силата на јапонскио модел“.

Министерот за стопанство, Јасутоши Нишимура, претходно за новинарите рече дека главните владини советници дале согласност за укинување на вонредната состојба во регионите кои останале под посебните мерки и по средината на мај.

„Додека се укинува вонредната состојба, важно е постепено да се воспостави економскиот раст, како одраз на новиот начин на живеење“, изјави Нишимура.

Иако третата според обемот економија во светот успеа да избегне масовно ширење на епидемијата со малку повеќе од 16.000 случаи на зараза и 839 смртни исходи, епидемијата сепак ја турна Јапонија во рецесија.

Истовремено популарноста на премиерот Абе е доведена на најниското ниво во споредба со претходните години. Според анкетата којашто ја објави весникот Asahi во моментов има поддршка од 29 отсто, што е најмалата уште од 2012 година, а неговите политики не ги одобруваат дури 52 отсто од Јапонците.