Јапонија ги повлекува вработените од Амбасадата во Украина

Јапонија утрово соопшти дека привремено ќе ги исели сите членови на својата амбасада во Украина.

„Кјодо њуз“ објави дека јапонското Министерство за надворешни работи објавило дека од безбедносни причини персоналот на амбасадата, претходно преместен од Киев во Лавов, сега ќе ја напушти Украина.

– Ситуацијата во Украина станува се понапната, а ризикот значително расте во Лавов – соопшти Министерството.

Канцеларијата за врски во Лавов, во близина на границата со Полска, нема да биде затворена и ќе продолжи со работа кога ситуацијата ќе се смири.

Додека Токио им се придружува на западните сојузници во воведувањето санкции кон Москва, јапонските производители на автомобили се обидуваат да ги вратат работниците од Русија.

Тојота објави дека околу 30 вработени и 20 членови на нивните семејства се во процес на евакуација, наведувајќи дека одлуката е донесена по совет на јапонската влада.

Nissan, Subaru и Mitsubishi се во слични процеси, додека јапонската телекомуникациска компанија KDDI Corporation соопшти дека планира да ги евакуира вработените.

Според податоците на јапонската истражувачка компанија Теикоку Датабанк, до февруари во Русија работеле вкупно 347 јапонски компании.

Околу 45 отсто од нив биле производители на автомобили и други производители, трговците на големо учествувале со 25 отсто, а компаниите од услужниот и финансискиот сектор со 10 отсто.